„Земјоделската мака е голема , ама трудот и упорноста секогаш се исплатуваат“, вака ја започнува својата приказна за „Зелена берза“ Беџет Исламоски, земјоделец од прилепското село Канатларци.
„Со земјодлество се занимавам од дедо прадедо. Се занимавам со одгледување на тутун и бостан. Под концесија имам земено земјоделско земјиште, така што во моментот обработувам 70 ха земјоделска површина“ додава Беџет.
На прашањето колку во денешно време е исплатливо човек да се занимава со земјоделие, тој одговора дека земјоделската мака е голема, но кога производството е исплатено, тогаш е лесно.
„Упорноста секогаш се исплати, а плодот ќе биде добар ако раката е вешта. Со лежење нема ништо, никој не дава на празно“, продолжува со својата приказна Беџет Исламоски.
Тој е член на „Зелена берза“ уште од нејзините почетоци , и како што вели, задоволен е од нејзиното работење. Најдобро е тоа што дознава многу информации значајни за земјоделците, а преку печатеното списание „Зелена берза“ може да се дознаат многу работи поврзани со земјоделското производство. Исто така со купоните кои се добиваат при зачленувањето, може да се користат најразлични попусти од клитентите и подржувачи на Зелена берза.
Од годинешното производство за сега е задоволен. Задоволен е и од откупната цена на бостанот. Пред неколку дена му го откупиле по цена од 6 ден/кг. Задоволен е и од тутунот. Врнежливото време му прави проблем околу сушењето , но се снаоѓа и проблемот го решава со набавка на повеќе скелиња за сушење тутун, додава Беџет.
Во земјоделското производство вклучени се сите од фамилијата, сопругата, синот, снаата. Синот откако го завршил школувањето во Бугарија, факултет по економија и меѓународен менаџмент, многу му помага и го води целото производство. Она што го започнале неговите предци тој го продолжува.
„Се обидуваме да ги следиме новините во науката и технологијата и да го применуваме сето она што може да ни го зголеми производството и квалитетот се разбира, што од друга страна би ни донело поголем профит“, вели тој.
„Им порачувам на сите млади да не се срамат од работа, посебно од работа во земјоделие. Напротив да се усовршуваат затоа што со плодот од вештите раце се заборава на земјоделската мака“, ја завршува својата приказна Беџет Исламоски , земјоделец од с.Канатларци.
Павлина Јовановска
Зелена берза