Земјоделскиот факултет во Скопје доби 6,5 милиони денари за да ги модернизира просториите
Земјоделскиот факултет добил околу 2,5 милиони денари за да инвестира во реконструкција на дел од предавалните и кровната конструкција и околу 4 милиони денари за да ја подобри техничката компетентност и да воведе нови аналитички методи во работењето на две лаборатории
Земјоделскиот факултет во Скопје доби средства во висина од 6,5 милиони денари за да ги модернизира просторните услови, но и работата на две лаборатории во негов состав.
– За три години имаме двојно зголемување на средствата за наука. Имаме и нивна целосна реализација. Само во изминатиот месец преку два јавни повици доделивме речиси 244 милиони денари, од кои 224 за поддршка на лабораториските ресурси со кои располагаат високообразовните и научните установи и 19 милиони денари за реализација на научни проекти од посебен јавен интерес, што ќе ги спроведуваат седумте јавни научни институти во земјата – рече министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на Земјоделскиот факултет.
Според неа, високообразовната дејност и науката биел подзаборавени од некои минати влади, а сега интензивно се работи на тоа да се надомести и атмосферата за работа и за креирање наука да се подигне, во интерес на севкупниот општествено – економски напредок.
Министерката информираше дека Земјоделскиот факултет добил околу 2,5 милиони денари за да инвестира во реконструкција на дел од предавалните и кровната конструкција и околу 4 милиони денари за да ја подобри техничката компетентност и да воведе нови аналитички методи во работењето на две лаборатории, што како што рече, инвестицијата ќе биде од корист за повеќе страни.
– Со оваа инвестиција во лабораториите обезбедуваат можности за наставно научниот кадар, за реализација на повеќе и поквалитетни истражувања и анализи во делот на контрола на состав и квалитет на храна. Понатаму, инвестицијата ќе значи можност за студентите заради поквалитетна практична настава и нивна добра подготовка преку стекнување на применливи вештини, но ќе биде и од корист за бизнис секторот кој се занимава со производство или увоз на храна и кој ќе може да ги користи услугите кои ги нудат овие лаборатории – потенцираше Царовска, додавајќи дека ова е одличен пример за вложување во развој на високото образование и апликативна наука.
Царовска рече дека во изминатите денови била во посета на неколку факултети кои добија средства како поддршка за работата на нивни лаборатории и тие веќе се подготвуваат за спроведување на инвестициите, со што се подигнува мотивацијата кај наставните и научните работници за работа, повеќе и почесто се зборува за наука, за нови проекти и нови активности.
– Имаме големо раздвижување во областа на науката и тоа нé мотивира да продолжиме со политиките кои ги спроведуваме како поддршка на овој сегмент. Затоа што, мојот став е дека како држава немаме друга опција освен да вложуваме во квалитетно знаење на граѓаните, во научни и истражувачки проекти од кои ќе произлегуваат иновации по кои би можеле да бидеме препознатливи и конкурентни на меѓународен план – изјави Царовска.https://nezavisen.mk/zemjodelskiot-fakultet-vo-skopje-dobi65-milioni-denari-za-da-gi-modernizira-prostoriite/