fbpx
ВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Жените влегуваат во бизнис од потреба, главно фокусирани на микро и малите компании | opserver.mk

– Тренд во регионот и во светот е растот на женското претприемништво, но она што е карактеристично е што тоа бавно расте и главно е фокусирано во делот на микро и малите претпријатија. Причините за тоа се што жените најчесто влегуваат во бизнис од потреба и што сакаат да воспостават баланс меѓу професионалниот и приватниот живот. Во земјава, бројот на жени претприемачи се движи околу 30 проценти и најчесто ги има во услужните дејности. Застапени се во микро и малите претпријатија кои имаат мал обрт и профит. Нивниот вкупен обрт изнесува едвај 10 проценти во вкупниот обрт што го прават компаниите во државата. –  Целта на жените кои започнуваат бизнис најчесто е за да можат да направат економски баланс во семејството, но никогаш не тргнуваат да работат големи бизниси. Нив им е поважно да имаат баланс меѓу фамилијата и бизнисот отколку да се 100 проценти внесени во бизнисот. Тука влијание има социјалната структура на државата односно жената и да сака да биде 100 проценти посветена на бизнисот, нема услови односно нема социјална грижа за децата или за старите лица. Тоа се проблеми кои не и дозволуваат да биде целосно посветена на бизнисот. Од друга страна кај нас и менталитетот е таков што мажите, за жал, помагаат во домаќинството наместо заеднички со жената да се грижат за семејството, вели Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени. Слична е ситуацијата и во Хрватска. Според Ивана Матиќ, сопственик на порталот Women in Andria, патот на жената во бизнисот е многу потежок, но успешните примери позитивно влијаат врз зголемувањето на бројот на жени претприемачи. – Јавниот сектор треба повеќе да се вклучи со поддршка на жените претпремачи. Ова е особено важно за земјите како Северна Македонија и Хрватска кои се млади држави и го губат населението. Во Хрватска имаме жени кои раѓаат и кои развиваат сопствен бизнис и отвораат работни места. Нив треба да ги држиме како „капка на дланка“ и да ги прашаме како може да им помогнеме, изјави Матиќ пред денешната конференција во Скопје посветена на женското претприемништво и пристапот до капитал. Во нашата држава, како што беше посочено на конференцијата, девет години се спроведува мерката за поддршка на женското претприемништво. Досега се потпомогнати 141 компанија со околу 130 милиони денари. Конференцијата е првата од предвидените настани што ќе следат во текот на годината, а кои се тематски конципирани да одговорат на потребите на искусните жени претприемачи, но и на оние кои сакаат да започнат сопствен бизнис. Настанот е дел од проектот „Women in Adria и CEED Hub за поддршка на женското претприемништво во Македонија“ и е поддржан од Министерство за економија и од мрежата на жени претприемачи Women in Adria во Хрватска. Имплементациски партнер е ЦЕЕД Хаб Скопје.
Извор: Опсервер.мк

Слични написи

Back to top button
Close