Зголемен интересот на земјоделците за Ипард 2 програмата
Зголемен е интересот на земјоделците за користење на парите од ИПАРД 2 програмата. За разлика од претходните години кога најмногу се аплицираше за обнова на механизацијата, сега се бара ко-финансирање и на инвестициите за обновливи извори на енергија и за развој на руралниот туризам.
На последниот ИПАРД оглас од април годинава се доставени скоро 1.400 барања, а според Платежната агенција, се очекува првите договори да бидат склучени во февруари идната година.
Ова се досега најмногу поднесени барања за ИПАРД програмата ако се има предвид дека на претходните огласи во просек пристигнуваа по 400.
Зголемениот интерес дојде со подобрените услови. Наместо досегашните 50, стапката на кофинансирање на инвестиции во земјоделските стопанства може да се зголеми и до 70 проценти ако се инвестира во неразвиените планински подрачја.
Од овој оглас прифатлив сектор за инвестирање се и вложувањата во житните култури и во обновливите извори на енергија. Дел за сопствено користење на енергијата, а дел за продажба.
На земјоделците и бизнис операторите кои ќе користат средства од оваа програма на располагање им стојат и Гарантниот фонд за покривање на дел од хипотеката за земениот кредит, и субвенции за покривање на трошоците за половина од банкарските камати.