Зголемен бројот на тутунопроизводители во Струмичко
Вкупно 2.750 тутунари од Струмичко или 50 повеќе од лани се пријавиле за производство во 2017 година, покажуваат евидентните листови што требаше да се пополнат до 31 март, кога истече крајниот рок.
Според здруженијата, интересот е зголемен ако се семе предвид дека еден тутунопрозиводител може да пополни само еден евидентен лист.
– Годинава е зголемен бројот на тутунопрозиводители во регионот. Станува збор за нови земјоделци од траиционално-кавилтетните поднебја за оваа индустриска култура, како што се Радичево и Васиелво. Ова е резултат на минатогодишната одлична реколта која помина со просечна цена од 201 денар за килограм и дополнително 60 денари субвенции. Тоа ги привлече земјоделците да засадат тутун, вели Марјан Трајков од здружението на тутунопроизводители „Басмак“ од Василево.
Периодов, додава, температурните амплитуди може да предизвикаат гниење кај расадот. – Затоа тутунарите треба навреме да побараат стручна помош од надлежните компании. Квалитетниот расад е основа за квалитетен тутун. Им советуваме на тутунарите да се обратат за стручна помош и да преминат кон заштита на растенијата за да не дојде до гниење и расипување, вели Трајков.
Дали и колку зголемувањето на бројот на тутунопрозивводители значи и зголемување на површините под тутун ќе се знае во мај. Лани во струмичко беа откупени околу 2.000 тони тутун.
Реколтата 2016 година во Македонија тежеше 25 илјади тони, а просечната цена достигна 197 денари по килограм.
Тутунопроизводителите очекуваат во најскоро време да ги добијат и субвенциите за произведеното.