Преку програмата за “Финансиска поддршка на руралениот развој за 2019” на располагање се 91 милион денари за набавка на приплоден добиток односно, високостелни педигрирани јуници ( со исклучок на расата Буша), педигрирани машки и женски приплодни грла овци, педигрирани машки и женски приплодни грла кози, од увоз или од признати огледувачи.
Претходно за оваа мерка на располагање беа само 14 милиони денари. Со оваа драстично зголемување на средствата, се дава стимул за развој на сточарството во земјава.
-Новина е тоа што од овој повик сите баратели кои поднесоа барање за користење на средства, прво ќе склучат договор,а потоа ќе отпочнат со реализацијата на инвестицијата. Претходно, прво се набавуваше приплоден добиток, па потоа се бараше поврат на средствата со ризик да не се добијат средства, вели Борче Петковски, в.д заменик на директорот на АПРЗ со седиште во Битола.
Право на користење на средства имаат земјоделски стопанства запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Максималната вредност на прифатливи трошоци изнесува до 6.500.000 денари. Повратот на средства за оваа мерка се движи од 50 до 75 % од вкупната вредност на инвестицијата во зависност од тоа во какви услови се одгледуваат, дали носител на земјоделското стопанство е млад земјоделец или пак жена.
Јавниот повик за набавка на приплоден добиток објавен од страна на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) заврши на 11.04.2019год.
Од страна на советниците вработени во Агенцијата за потикнување на развојот на земјоделството(АПРЗ) беа изработени 70 апликации на ниво на цела држава за набавка на вкупно 1004 грла високо стелни јуници и 1295 овци, од тоа најповеќе во Битола.
Вкупната вредност на инвестициите за овие апликанти изнесува 203 791 592 ден.,а вредноста за кофинансирање изнесува 130 880 287 ден.
Набавката на јуниците ќе биде од увоз.Според расен состав ќе бидат набавени и 463 елитни грла Холштајн Фризиец,478 елитни грла на Сименталец,15 грла Лимузин и 48 грла Шароле.
Што се однесува до расниот состав на овците ќе бидат набавени 1235 грла Асаф од Шпанија и 60 грла домашна Праменка.
Петковски вели дека деновиве ги посетил фармите на ДООЕЛ „Зекмани“ на фармерот Јетон Зекмани од селото Доленци и фармата „Агро Емини“ на Елвис Еминовски од истото село кои аплицираа на повикот. Првиот фармер аплицираше за јуници, а вториот за овци.
-Ме радува тоа што апликантите посебно во Битолскиот регион се искусни сточари со добри услови за чување на елитни грла со високо квалитетен генетски потенцијал од кои ќе може да се добие максимално производство.
Апликацијата за финансиска подршка во целата оваа работа е најлесниот дел. Допрва следи вистинската работа околу обезбедување на средства за плаќање на добитокот,најважната работа според мене е добрата селекција на грлата, транспортот, карантинот.Мерката ќе биде успешно завршена тогаш кога добитокот ќе биде сместен во шталите на фармерите. Очекувам тоа да се случи некаде во септември.
Исто така ме радува и фактот дека во оваа приказна се развива еден вистински партнерски однос помеѓу фармерите,Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и млекопреработувачите кои активно се вклучени во целиот процес, вели Петковски.
АПРЗ нема да ги остави сами фармерите.Ќе помогне со свои стручни совети околу начинот на исхрана,чувањето,хигиената на молзењето за да може максимум да се извлече од овие грла со високи продуктивни перформанси, заклучува Петковски, в.д заменик на директорот на АПРЗ со седиште во Битола.
Анета Блажевска