
Жетварите од Пелагонија се жалат – пченицата ни се откупува по 11 денари за килограм
Земјоделци - дали се почитува договорот за откуп на пченицата?
Земјоделци од Пелагонија се жалат дека пченицата во прилепско-битолскиот регион почнала да се откупува за 11 денари по килограм прва класа.
Земјоделец од Кривогаштани за „Зелена берза“ вели дека кога министерот бил во посета на откупните пунктови во Пелагонија, пченицата се откупувала за 12 денари, но веднаш после тоа, по неговото заминување, откупувачите почнале да плаќаат по 11 денари за килограм пченица, како да е трета класа.
Нашите земјоделци со кои разговаравме велат дека за намалената цена на откупот не добиле образложение.
Најзасегнати од ваквата политика на откупувачите се земјоделците кои нема каде да ја складираат пченицата, па мора да ја предадат од нива на откупувачот. За ваквите непринципиелни политики на откупувачите велат дека ќе пријават во Држаниот земјоделски инспекторат.
Инаку министерот Цветан Трипуновски деновиве беше во обиколка на неколку откупни центри и млинови во Пелагонискиот регион за да види како се спроведува откупот на пченицата.