fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Живка Ѓурчиновска-За да си конкурентен во земјоделството мора да инвестираш

Со добра организација и поддршка од семејството се постигнуваат одлични резултати, вели Живка чие семејство обработува 10 хектари сопствена земја и одгледува фарма со крави.

За да си конкурентен во земјоделството мора да вложуваш, да инвестираш и да го модернизираш земјоделското производство, порачува Живка Ѓурчиновска (48), жена фармер од гостиварското село Тумчевиште, која 11 години е самостоен претпримач.

Ретки се жените земјоделки кои имаат претприемачки дух и идеја како да се произведе и да се напредува во земјоделството. Живка е претседател на здружението „Моја фарма“ од Гостивар и последните две години претседател на „Рурална коалиција“-Куманово.

Живка е амбициозна, исклучително вредна жена земјоделка, човек од акција која знае каде треба да се насочи енергијата за да се постигнат резултати.

Таа и нејзиното семејство обработуваат 10 хектари земја и имаат фарма со 16 грла говеда (6 молзни крави и јуници и телиња). Произведуваат пченка, пченица, грав, градинарски култури, сточна храна, а најновата инвестиција е во насади со лешници и токму тука ја гледаат предноста како земјоделци да се преориентираат на попрофитабилни култури.

Нема достапен опис

-На 8 декари имаме насади со лески, две години по ред имаме производство и успеавме годинава да собереме до 2 тони лешник. Две години имаме пласман, добро поминавме. Покрај производството на традиционалните култури се решивме да нешто ново, тренд беше да се инвестира во лешници. Ние тоа го прифативме со цел ризик дали тоа ќе успее кај нас. Ете успеа. Не згрешивме, резултатите се добри после две родни години, нашето поднебје се покажа одлично за лешникот. Очекуваме после десеттата родна година да добиеме по 12 килограми лешник од стебло, тогаш нашата инвестиција целосно ќе се исплати, открива Живка во разговор за „Зелена берза“.

Нема достапен опис

Секоја нова инвестиција во земјоделството е нов предизвик и сама по себе носи проблеми кои треба да се решаваат во од. Најголемиот проблем за насадите со лешник  за ова семејство е наводнувањето. Ѓурчиновска вели дека покрај бушотината што само ја направиле,  мора да инвестираат и во систем капка по капка.

-На лешниците им е неопходна поголема количина за наводнување, особено во периодот на ресење, кога цвета. Тоа е на пролет, а во тој период немаме вода од системот на канали. Наводнувањето и користењето на таа вода е од мај до септември и таа главно се користи за градинарските производи, гравот, пченката и пченицата. Засега тоа го правиме со бушење на бунари и поставување на пумпи со хидрофори. Шест години ги наводнуваме лешници од бразда, редовите ни се долги 200 метри и тоа е тешка работа. Мора да се размислува оваа пракса да се смени и водата за наводнување да биде достапна во периоди погодни и препорачливи за развој на растенијата. Но, за да не ризикуваме сега сме во план да вложиме во систем капка по капка, мора да си олесниме, вели Ѓурчиновска.

Овие наши фармери не се откажуваат од производство на пченица и пченка. На површина од 30 декари садат пченка со грав. Годинава произведоа 10 тони пченка, а производството на грав е намалено поради сушата. Пченката се користи како сточна храна за фармата со крави. Дневното предаваат 120 литри млеко, а добар дел од млекото го преработуваат во млечни производи, како сирење, удра, павлака.

Семејството Ѓурчиновски располага со сопствена земјоделска механизација, со комбајни и трактори како и приклучна механизација. Но сепак, и покрај сите предиспозиции велат дека трошоците за производство драстично пораснале.

-Како и секој еден земјоделец така и ние се соочуваме со големи трошоци при производството на храна, се е поскапено горивото, семенскиот материјал, вештачкото ѓубриво, хемиските препарати и секако дека се покачија цените и за ангажирање на сезонските работници. Сето ова ќе се собере доаѓаме до производство кое што не чини многу, а знаеме какви се откупните цени, вели Живка.

Расте цената на пченицата, чекаме добра цена

Ѓурчиновски  на површина од 60 декари сопствена земја, произведуваат околу 40 тони пченица, но кога ќе се вклучат и нивите што ги земаат под наем, вкупно годишно нивното производство на пченица достигнува над 50 тони.

-Годинава се уште не сме дали ни килограм пченица, чекаме добра цена. Ако на почетокот од откупот, за време на жетвата цената беше околу 11-12 денари за килограм, сега ни нудат 14 до 15 денари и таа цена ќе оди нагоре. Ќе чекаме, затоа што порасна и цената на пченката, ќе расте и на пченицата. Имаме простор за чување на пченицата и не ни се брза, вели Живка.

Нема достапен опис

Работа од утро до мрак

Она што е впечатливо во разговорот со Живка е што таа е добар организатор. Знае како да ги подреди обврските на нивите и во шталата, како да ги распореди на останатите членови од семејството и секаде да се постигне. Живка има три деца, сите факултетско образовани, а живее со заедница со свекорот и свекрвата. Се вложува во земјоделието за да се остави аманетот и на децата. Сепак забележува дека за успешно производство не е доволно само да се произведе, туку потребен е организиран откуп.

-Станувам во 5 часот, работам се до 23 часот пред полноќ. Имам голема поддршка од сопругот, имам амбиција, желба за работа и тоа ме држи. Кај нас секој денар се планира, се знае што ќе се работи и кога треба да се заврши обврската. Но, она што треба да го направи државата е да овозможи организиран откуп, сигурен пласман на земјоделските производи. Порано имаше државни млинови, ја носевме пченицата и завршена работа, сега вака без пласман е многу тешко, вели Ѓурчиновска.

Градот не е перспектива ако можеш да егзистираш од земјоделие на село

Кога од селото може да се егзистира, тогаш нема причина зошто да се замине во градот, вели Живка, категорична дека никогаш не би го напуштила селото, особено не, зашто таа егзистира од поголемо земјоделско стопанство.

-Ниту моите двајца синови не размислуваат за го напуштат селото, ќерката ни е поддршка за се што работиме, градот е на само неколку километри од нас. Што е поентата да се напушти селото кога за 20 минути со автомобил си во Гостивар. Овде имаме услови за живот, иако како рурална средина може да се вложува уште многу повеќе во инфраструктура. Но, што е перспективата на градот ако можеш да егзистираш и работиш од селото?, прашува Ѓурчиновска.

Тумчевиште е село во Полошката котлина населено со преку 350 жители. Куќите се полни, нема иселување, а во селото се враќаат и пензионери кои обработуваат дел од земјата и произведуваат барем за свои потреби.

 

Анета Блажевска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close