fbpx
Вести

Жолтите лубеници од Kурија се хит ова лето

Вистински хит се ова лето жолтите лубеници што се родија во нивата со бостан на неготинката Лилјана Вучкова, во селото Kурија, општина Неготино. Од малото место кое важи за мека за производство на овој вид овошје со години наназад, веста за жолтите лубеници преку слики на една од социјалните мрежи, се прошири во Тиквешијата и подалеку. Сите посакаа да пробаат од лубениците кои во внатрешноста немаат боја црвена како жар, туку жолта како сонцето под кое се раѓаат во срцето на Македонија. И вкус како мед.

zholtite lubenici od kurija se hit ova leto

 

– Не ни претпоставувавме дека толку голем интерес ќе предизвикаат жолтите лубеници кај луѓето. Бидејќи се реткост во нашиот регион, се двоумевме на почетокот како ќе бидат прифатени. Но, се покажа, а и луѓето се уверија во тоа, дека сончевата лубеница, ако може така да се каже, е многу вкусна за јадење. Всушност, луѓето се некако емотивно врзани за црвените лубеници кои им будат спомени од детството или младоста, но сепак сакаат за промена да пробаат и нешто ново, невообичаено и несекојдневно. За почеток имавме малку корени, колку да видиме дали ќе ги прифати пазарот. Можно е во иднина да ги има повеќе во нашата нива – рече 42-годишната Вучкова.

Нејзиното семејство важи за вредно домаќинство кое се занимава со земјоделство, а во нивните земјоделски имоти се садат повеќе земјоделски култури. Производството на бостан е традиција што се негува. Неготинката Вучкова, инаку регистриран земјоделец, тајните на земјоделството ги учела од своите родители уште како дете и традиционално нив сега ги пренесува на својот син. Важи за марифетна жена која вози трактор и со своето семејство обработува 20 декари под лозов насад, но произведува и бостан, пипер и праски.

– Најголемата лубеница оваа година ни достигна 22 килограма. Набравме околу 10 тони бостан. Сме имале и поголеми примероци капиталки – кажа нашата соговорничка.

Полна со позитивна енергија, таа со задоволство ни раскажуваше за плодовите што годинава се родија во нивните ниви, а кои се резултат на голема пожртвуваност и умешност.

– Почвата во Тиквешијата е плодна, сончеви денови има во изобилство, овде и човек да посеете, ќе се роди, што се вели. Потребно е само да се вложи труд и тогаш успехот е неизбежен. Зашто секој што работи, може и да заработи – децидна беше таа.

Според професор д-р Ристо Вучков од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, разликата помеѓу црвените и жолтите лубеници е само во сортноста.

– И двете сорти се со извонреден квалитет и корисни за јадење. Жолтите се некако потрајни, па затоа и се нарекуваат есенско-зимски, ако се чуваат соодветно, може да се јадат и во јануари или во февруари – рече Вучков.

Хранлив афродизијак со малку калории

Група американски научници дошле до интересно откритие дека оваа лубеница е фантастичен афродизијак. Содржи цитрулин, кој ги шири крвните садови во организмот, а со самото тоа влијае и врз либидото. Ова меѓу другото стои напишано во специјализирани страници на интернет.

– Таа е хранлива и многу здрава, особено затоа што е сочинета од речиси 93 проценти вода. Ако сте на диета, оваа лубеница е фантастичен продукт за вас затоа што поседува малку калории, но е многу хранлива, па со неа и ќе бидете сити и ќе ги губите килограмите – пишува таму.

Притоа се додава дека од сокот на жолтата лубеница можете да правите разни летни коктели и вкусни напивки, а уживањето е дотолку поголемо ако сокот од лубеница го помешате со сок од лимон и додадете мраз.

Исто така од жолтата лубеница може да правите и прекрасни овошни салати, а интересно ќе биде и ако ја помешате со класична лубеница.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close