вестиТоп вести

Аирлија „зелена нафта“

(Oвој напис е објавен на: јули 31, 2019)

Пелагонија

Бурим Банушевски, земјоделец од пограничното село Меџитлија, член на „Зелена берза“ е меѓу првите земјоделцикому премиерот Зоран Заев лично им наточи  зелена нафта во нивните трактори.

Во најголемата житница во нашата земја, во Пелагонија, денеска беше промовиран  почетокот на реализацијата на мерката за поевтино гориво за земјоделската механизација. За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедени се  200 милиони денари. Толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади. Државата ќе покрие 30 проценти од трошоците за гориво за механизацијата.

-Ова е историски ден за нас земјоделците. Голема благодарност до Владата за оваа мерка ќе ни помогне колку-толку како земјоделци. Годишно триесет проценти од потрошената нафта ќе ни биде надоместена од државата. Јас обработувам 13 хектари земја, посеана со пченица, луцерка, пченка, јачмен. Годишно добивам 13-14 тони пченка по хектар. Пченица произведувам од 10-11 тони по хектар и задоволен сум. Оваа година не беше лоша ниту цената на пченицата10 денари од килограм иако можеше и повеќе, рече Банушевски сопственик на фирмата Бурка-ком.

И Ерџан Али од битолското село Кравари, индивидуален земјоделец,држејќи ја картичката в раце, рече  дека новата мерка на Владата, за субвенционирање на зелена нафта веќе функционира.

-Ги добивме картичките, мерката функционира и е голема помош за сите земјоделци. Нека се продолжи со вакви мерки за земјоделците, порача Али, производител на пченка, тутун и пипер на вкупна површина од 11 хектари.

За да добијат зелена нафта, земјоделците како услов треба да имаат пријавено субвенции за 2018 година од Програмата за финансиска поддршка, што значи дека имаат поднесено единствено барање. Сите пресметки сеправени врз основа на претходната година, а како основа за пресметката се земаат  површините обработлива земја. Колку хектари  од која култура имаат  земјоделците. Значи не се еднакви трошоците за производство на полјоделски култури и овоштарство и лозарство каде што трошоците се поголеми. Методологијата е направена така што од вкупната нафта која што треба да се потроши 30 проценти ќе бидат субвенционирани, објасни министерот за земјоделство Трајан Димковски.

-Целата е поконкурентно производство, а со самото тоа и земјоделците да видат едно олеснување во делот на трошоците што ги прават. Ова е првична мерка која што се доделува преку производ, се друго оди преку директни исплаќања на парите кон земјоделците. Очекуваме добри резултати, рече министерот Димковски.

Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски смета дека ова ќе биде голема помош за земјоделците бидејќи го поевтинува процесот на производство, а со тоа самиот производ добива дополнителна додадена вредност, која значи подобра економија на агросекторот.

-Корисникот ја става картичката во читачот и по звучниот сигнал го внесува ПИН кодот. По извршеното плаќање ќе му биде издадена фискална сметка заедно со интерната сметка од точењето на горивото. На интерната сметка, корисникот може да го прочита преостанатиот лимит на картичката, објасни директорот Бабовски.

 

Јас сум селско дете, знам да возам трактор, рече премиерот Заев

„Аирлија да е, ова првото е од државата“, рече премиерот Зоран Заев додека лично им точеше нафта на земјоделците на бензинската пумпа на Макпетрол во Битола.Заев, во битолското село Кравариги подели првите картички за „зелена нафта” на неколкумина земјоделци дофрлувајќи им на земјоделците на бензинската пумпа дека и тој е селско дете и дека знае да вози трактор.

Заев рече дека најголемиот трошок во производството отпаѓа токму на нафтата. Поради тоа цената на земјоделските производи е висока, а тоа ги прави неконкурентни на домашниот и на странските пазари.

-Поевтина или „зелена нафта” земјоделците бараа повеќе од 10 години. Затоа, на почетокот на мандатот меѓу првите мерки на кои почнавме сериозно да работиме беше можноста да воведеме „зелена нафта”. Знаевме дека така најмногу ќе им помогнеме на земјоделците да ги намалат производните трошоци, да имаат порентабилно производство и да заработат повеќе. На овој начин и субвенциите кои се одвојуваат за оваа намена ќе имаат развоен ефект, бидејќи директно ќе се користат во производството и ќе создаваат нова вредност, истакна премиерот.

Субвенцијата најпрво ќе биде 30 проценти со тенденција да се зголеми до 50 отсто од малопродажната цена на горивото.

Со персонализираната картичка и со расположливата сума ќе може да се точи исклучиво „евродизел” за земјоделската механизација. Целта е на овој начин да се поттикнат земјоделските производители да го окрупнат своето производство.

-Согласно методологијата, пример за хектар јаболка, круша, слива, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка поддршката по хектар ќе биде 2.800 денари и во согласност со тоа колку хектари има пријавено толку ќе биде вкупната поддршка за самиот субјект. За пченица, јачмен, пченка, овес, `рж, овес, хелда изнесува 750 денари по хектар, за хмељ, лен, леќа, соја, сончоглед, добиточна репка, луцерка поддршката е 1.125 денари по хектар. Најнискиот износ ќе биде одобрен за мали производители околу 500 денари, а додека највисокиот износ е исто така лимитиран и ќе биде до 100 илјади денари, објасни Заев.

Според него за секоја сериозна држава производството на храна е приоритет, а земјоделските производители го имаат местото кое што го заслужуваат.

-Досега исплативме близу 300 милиони евра субвенции, вложивме 70 милиони евра во системи за наводнување, почнуваме капитални инвестиции во изградба на ладилници, се враќа земјата во рацете на вистинските земјоделци, а полека го решаваме и најважното прашање – пласманот. За оваа Влада земјоделското производство е приоритет. Со споредба на просечните цени и денеска и оние пред две години, четири години, шест години резултатите се повеќе од видливи, потенцира премиерот.

Сите градови во целата држава ќе почувствуваат раздвиженост на економската активност кога земјоделците се среќни и имаат повеќе пари, напомена Заев.

-Еве ќе си ја скенирате сметката и за поврат на ДДВ и од таму ќе вратиме некоја паричка, им рече премиерот на земјоделците додека ја плаќаа наточената нафта.

По Битола, распределбата на картичките ќе продолжи во Прилеп, Кривогаштани, Штип и Свети Николе, а во наредните денови и до другите подрачни единици.

Средствата на картичките треба да се искористат до крај на април 2020.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close