вестиТоп вести

Младите земјоделци ќе може да земат по 20.000 евра државна помош

 

Добро е што има двојно поголема помош за младите земјоделци, но многу е важно парите да дојдат во вистински раце, затоа што порано се случуваше вработени во администрација да земат по 10.000 евра, вели Васка Мојсовска, претседателка на Федерацијата на фармери, слободен печат објавува.

 

Измените на Законот за земјоделство и рурален развој што се изгласаа во четвртокот, овозможуваат земјоделците на возраст до 40 години да добијат неповратни 20.000 евра. Во Законот и понатаму останува можноста за младите земјоделци, кои првпат стануваат земјоделци или го преземаат земјоделското стопанство да добијат по 10.000 евра, но се додава и нов член со кој може да се даде помош од 20.000 евра на оние што веќе егзистираат како земјоделци, а со цел одржливост и зголемување на земјоделското производство.

По утврдување на ова законска рамка, се очекува објавување повик за неповратната парична помош на земјоделците каде што точно ќе се утврдат условите за аплицирање.

Според претседателката на Федерацијата на фармери, Васка Мојсовска, добро е што има двојно поголема помош за земјоделците и што се проширува нивниот опсег, но многу е поважно парите да дојдат во вистински раце, затоа што порано се случуваше вработени во администрација да земаат по 10.000 евра.

– Повеќе години новите земјоделците до 40-годишна возраст, кои не беа евидентирани подолго од 18 месеци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, можеа да добијат по 10.000 евра како поврат на вложените инвестиции. Оваа мерка беше со цел да се задржат младите во руралните средини, или пак, да се преселат од град во село. Но, проблемот беше што покрај земјоделците на кои ова им е единствен извор на егзистенција, неповратна помош од државата можеа да добијат и оние на кои земјоделството им е дополнителна дејност. Помошта се даваше по принцип „прв дојден, прв услужен“ до исполнување на буџетот. Така, имаше случаи, луѓе што се вработени во администрацијата, а кои имаат земјиште и кои се евидентирале како земјоделци со дополнителна дејност, да добијат неповратна помош од 10.000 евра – вели Мојсовска.

Таа ги сподели искуствата од Словачка, од каде што како претставничка на Федерацијата на фармери штотуку се врати.

извор: слободен печат

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close