Почвата во Поешево најзагадена со олово

(Oвој напис е објавен на: December 2, 2019)

Поешево-Битолско

 

 

 

Целата на истражувањето  е да се види каква е состојбата на почвата помеѓу РЕК-Битола и градот и истото да биде основа за покомплексни анализи во битолско-пелагонискиот регион.

Земјата во битолското село Поешево е најзагаденасо олово, манган и хром. Ова е резултатот од истражувањето  на почвата за присуство на тешки метали направено во 19 битолски села на потегот од Битола до РЕК-Битола  што го спроведоа ученици и професори од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола. Поешево е  едно од селата најблиску до Битола, оддалечено само пет-шест километри од градот, а има  над максимално дозволените  концентрации на олово во почвата.Целата на ова истражување е да се види каква е состојбата на почвата помеѓу Рударско енергетскиот комбинат и градот Битола и може да биде основа за покомплексни анализи на почвата во битолско-пелагонискиот регион.

-Причината може да биде индивидуална,  можеби на таа локација порано се одвивале некои активности кои оставиле траг во самата почва. Таков пример имаме и во село Брусник каде има повисоки концентрации на олово од околните села и заклучивме дека на тоа место порано многу луѓе топеле кабли и други предмети поврзани со олово, па веројатно попримила и самата почва, рече Мите Ристов,професорот по географија во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Повисоки концентрации на олово се забележани и во битолската населба Боримечка, се претпоставува дека тоа е така поради индустрискиот дел на Битола, од минатото, од работата на фабриките. А, повисоки концентрации има и во селата кои гравитираат околу комбинатот  РЕК-Битола.

Поешево е село со развиено земјоделство и сточарство, а има и села каде е забележано присуство на олово во почвата, а нема земјоделски стопанства. Во нив концентрациите на олово не се над дозволеното, но некаде има зголемено присуство. Исто така и концентрации на манган и хром нема над дозволеното.

-Тешките метали штетно влијаат врз земјоделските култури и тие концентрации растенијата ги црпат во своите плодови, а потоа ние ги внесуваме во нашите организми. На тие локации со зголемени концентрации треба да се направи засадување на одредени култури кои ќе ги исчистат на некој начин овие површини, вели професорот  Ристов.

Во проектот поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој на Република Северна Македонија беа вклучени и професорот по хемија Борис  Маслинков  и седум  ученици од Гимназијата.

-Зедовме примероци од 19 села од околината на Битола и ги истражувавме во лабораторија. Според анализите кои ги направивме се покажа дека околината на Битола и не е толку загадена со тешки метали освен со олово, кое е многу присутно во повеќе села. Покрај олово работевме и анализи за хром и манган, вели ученичката Елена Здравковска.

А.Блажевска