fbpx
ВестиТоп вести

Голем дел од тетовскиот зеленчук и тетовското овошје се уште се продава на диво

 

Тетово никако да се спаси од дивите пазарџии. Диви тезги има на секој чекор. Околу градскиот пазар, долж улицата Борис Кидрич, булеварот Маршал Тито, а најлоша е состојбата во тетовска горна чаршија во четврток кога традиционално е пазарен ден. Таму практично нема тротоари, а по улиците возилата се движат по една коловозна лента, затоа што овие јавни сообраќајници се зафатени од диви тезги.

 

Зелена берза ги праша дивите пазарџии зошто се одлучиле да продаваат на диво, иако полицијата постојано ги брка и им пишува казни.

-И ние не сакаме да продаваме тука, ама мораме принудени сме, тука во овој дел на градот нема пазар, а тука продаваат луѓе од Шарпланинските села, мора и тука да се продава за жителите од овој дел на градот. Треба да се размисли и тука да се отвори еден пазар, некој простор да се обезбеди за нас, не мора секој ден барем во четврток. Така ќе биде подобро и за нас ќе плаќаме некој паушал, нема да узурпираме ништо и плус тетовци ќе не најдат на едно место, истакна еден пазарџија кој зеленчукот и овошјето го продаваше на тротоар.

Во слична состојба е и долниот дел на градот. Таму претежно се продава сезонското овошје и зеленчук кое се произведува на тетовската почва. И таму полицијата брка, но пазарџиите повторно се враќаат на истото место.

-Тука се узурпира просторот, човек не може да помине и најголема катастрофа е откако ќе го продадат производот јавната површина мириса на расипан зеленчук и овошје, тоа место никој не го мие катастрофа, а центар на град е. Не знам само зошто овие производи не се продаваат на зелениот градски пазар, таму треба да се продава оваа стока, а таму наместо овошје и зеленчук се продава санитарија, облека, обувки , ништо не е како што треба во овој град, рече една жителка кој живее на само десетина метри од градскиот зелен пазар.

Општинската власт само ветува дека ќе го реши проблемот со дивите пазарџии , но на терен состојбата е иста.

Таа лани најави дека во долниот дел на градот наспроти автобуската станица ќе обезбеди локација за дивите пазарџии каде својата стока ќе може да ја продаваат и на големо. И тоа се случи. Оваа локација се обезбеди за оваа намена, но истата се издаде на приватен концесионер каде сега само тој ја продава својата стока, останатите повторно овошјето и зеленчукот го продаваат на јавните површини.

Исто така ветување за решавање на проблемот со дивите пазарџии во тетовската населба Горна Чаршија кое не се оствари властите дадоа пред околу два месеци. Директорот на Јавното комунално претпријатие Тетово Џелал Цека, најави дека ќе се реши еден од најгорливите проблеми во горниот дел на Тетово, каде по улици и тротоари се продаваат на диво овошје и зеленчук.

Тој на крајот од август истакна дека новиот пазар ќе биде сместен во дворот на поранешниот Воспитно Поправен дом и истиот ќе започне да функционира во текот на септември. Со оваа одлука како што кажа ќе се зголеми продажбата која е многу намалена, поради немање на организиран откуп.

Но и по поминати повеќе од два месеци на терен состојбата и иста, тротоарите и улиците се уште се зафатени од диви тезги.

Голем дел од земјоделците велат дека мора да го продаваат произведеното по јавните површини, кога би имало организиран откуп состојбата би била сосема друга.

Сето овошје и зеленчук би се продавало во откупните центри, тие би биле задоволни, а јавните површини ослободени. Но во тетовско ниту една власт не презеде никакви чекори за отворање на откупни центри.

Зоран Димовски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close