Земјоделците од југоистокот на државата добиваат можност преку користење на современите технологии да го развиваат и заштитат нивното производство. За таа цел во сите десет општини од регионот започна поставување на агро метеоролошки станици.
Намената на станиците е собирање, обработка и прикажување на метеоролошките податоци како и давање навремена информација за почетокот, траењето и интензитетот на напаѓање на поединечни болести или штетници врз културите.
Планирано е да бидат поставени вкупно 23 станици. Тие меѓу другото треба да помогнат и во подигање на свеста кај земјоделците за ризиците предизвикани од прекумерено третирање на почвата.
„Сите станици имаат седум сензори и мерат одредени параметри како на пример влажност на воздух, влажност на почвата, исто така сончева радијација, брзина и правец на ветер и така натаму. Идејата е овие податоци земјоделците да ги добиваат на современ и лесен начин на своите мобилни телефони. Целта на овој проект е осовременување на начинот на земјоделските култури, а истовремено и заштита на животната средина. Тоа ќе биде возможно кога самите земјоделци навремено ќе добиваат временски податоци и податоци за заштита од болести“, вели Ивана Крстев од Центарот за развој на ЈИ регион.
Дел од станиците се поставени на земјоделските површини кои ги користат училиштата. На тој начин истите ќе бидат користени за едукативни практични намени.
„Многу позитивна страна е тоа што од овој проект сите податоци ќе одат на мобилна апликација каде со самото исчитување на податоците веќе фармерите ќе знаат на кој начин и во кој временски период ќе се интервенира. И самите ученици ќе можат да ја користат таа апликација во практичните изучувања“, вели Томе Тимов, професор во СОУ Димитар Влахов Струмица.
Проектот за поставување на агро метеоролошки станици го реализира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Имплементацијата на проектот е со поддршка на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка. Вкупниот буџет изнесува 95 000 швајцарски франци.
Извор: Сител