Народски кажано како што тргнала работата за неколку години тетовско јаболко ќе нема ниту за лек. Од година вгодина се намалуваат површини засадени со јаболкови насади во градот под Шара.
Тетовска Брвеница е класичен пример за тоа. Таму секоја година индивидуалните овоштари но и земјоделската задруга А.Д Брвеница ја корне јаболката. За намалените површини на овој познат тетовски бренд говори само бројката од 30 хектари засадени површини со јаболка за разлика од минатото кога земјоделската задруга АД Брвеница имала 150 хектари со јаболка. Но и тие што има останале на пролет најавуваат дека ќе ги откорнат.
За разлика од задругата, индивидуалните некогаш познати овоштари сега немаат ниту едно јаболка на своите ниви, иако со оваа дејност ги прехранувале своите семејства.
Причината за ваквата состојба како што велат и од задругата и индивидуалните овоштари е немањето пласман и ниската откупна цена.
-Нема откуп и тој што ќе дојде нешто да ни откупи не уценува. На пример ние за да произведеме килограм јаболка имаме трошок од 8 до 10 денари, а откупувачите кога ќе дојдат често ни даваат 2 до 3 денари од килограм. Подобро да ги флиме во Вардар барем ќе ги јадат рибите и тоа ќе го направиме, јас лично лани фрлив околу еден тон јаболка и годинава тоа ќе го направам. На пролет планирам и овие два декари што ми останаа од вкупно 8 декари засадени со јаболка да ги откорнам и да оставам само неколку дрвја за себе и за семејството, рече Драголуб Зафировски овоштар од Брвеница.
Освен немањето пласман и ниската откупна цена јаболкопроизводителите оваа година претрпеа штети и од невремето кое го погоди тетовско изминатава пролет, кога падна силен град и 70 % од овошките ги уништи.
-Тука јаболката каде што ја чувам во оваа гаража ми беше преполна, сега гледате и сами оваа гаража ми е полупразна нема јаболка нема род , невремето се уништи. Ние по навика не ги осигуруваме нивите, бадијала да осигураш кога знаеш дека на крај за производот немаш пласман и бадијала си ги дал парите за осигурување, ако не можеш да ги земеш. Државата абер нема да не обештети и така пропаѓаме, вели еден јаболкопроизводител од Брвеница.
Од Агецијата за поттик и развој на земјоделието решавањето на проблемот го гледаат во отворање на откупни центри.
-Треба конечно да се отворат повеќе откупни центри низ државата, но и овоштарите треба да се здружат да произведуваат повеќе за да можат да пласираат. Дека мора да има помасовно производство ако сакаме да имаме откуп, никој не би сакал да откупува по еден тон или два тона јаболка од индивидуалните земјоделци, вели Петре Петрески од Агенцијата за поттик и развој на земјоделите подрачно одделение Тетово.
Од Агенцијата додадаваат дека потребно е да се вложува и во преработувачката индустрија каде овие производствени погони би ја откупувале јаболката за производство на сок или други артикли.
И додека експертите советуваат, тетовската јаболка полека ја снемува на површините и наместо на трпезите таа завршува во реките.
Зоран Димовски