Бабино- Демир Хисар
Бабино- Демир Хисар
Пусто и самотно во селото на двете баби
„Зелена берза“ ве носи во Бабино и ви ја долувува самотијата и пустошот во селото кое некогаш беше познато по учителите и комитите.
Обраснато со треви повисоки од човек, бршлен и диви лозници ги сокриле покривите, истурени камења што некогаш крепеле ѕидови од нечии домови, надвиснати настрешници, потпаднати дрвени чардаци, со еден збор пустелија е сликата денес на демирхисарското село Бабино, сместено во пазувите на Плакенска планина на два километри до патот Демир Хисар-Кичево.
Со првиот чекор и погледот кон првата селска куќа имате чувство како местото да е со замрзнати слики од времето.
Некои ги заѕидале влезните врати, други ги замандалиле дрвените порти, трети ставиле катанци, а сувите гранки сами сплетиле ѕидини и не дозволуваат случајни намерници и туѓинци да допрат до старините. Во Бабино ни кучињата не лаат по туѓите, ами бараат друшка за милување.
Природата си го зазела своето. Единствениот звук доаѓа од водата што капе или скржаво линее по селските чешми. И како се движиме низ единствената асфалтирана улица што поминува низ селото, час се воодушевуваме на селската архитектура, час сожалувамеза напуштеното, испустеното, отфрленото за се што останало на забот на времето.
Единствената светлина е приватната библиотека „Ал-Би“ на библиофилот Стево Степановски, со исклучително ретки книги.Но и таа е без потребната грижа од државата,иако со право ја заслужува.
Уште две баби во Бабино и тие муабет не „кршат“
Вистинска авантура е потрагата по двете последни баби во демирхисарското село Бабино, чии домови се на крајот на селото, еден под друг, под патот кој води до селската црква „Св.Никола“.
Па додека да ги најдеш се однесуваш како мал извидник и бараш чад, бараш оџакот да ги издаде во кое гнездо се свиле, зошто во тоа осамено и пусто место ништо друго не ви паѓа на памет. Нема кој да прашате, нема каде да тропнете, пиле не пее.
Радојка Силјановска на свои 83 години е една од двете баби, можеби последните жители на Бабино. Таа е толку витална, ведра и расположена за свои години што само кусо откако ќе го размените првиот збор ќе ви го оттргне чувството на сожалување поради самотијата и ќе ви го наполни срцето. Потекнува од Бабино, се омажила во Битола и по пензионирањето повторно се вратила на татковото огниште. Но тогаш пред почетокот на 21 век во Бабино живееле околу триесеттина жители, мажи и жени, за пред десеттина година да останат 11 баби, а сега уште две, таа и сосетката Мара, за која не крие дека не им оди муабетот, па иако сами во селото ни кафе не се напиваат заедно.
-Јас и Мара од Деспотовци останавме, ама таа многу не зборува, ни со мене, ни со новинари. Јас живеев Битола се вратив во Бабино откако ми почина сопругот. Овде се уште живееја моите родители и брат ми, сите заминаа на оној свет. Останав сама, а веќе не паметам и од кога сме со Мара сами двете во селото, ја раскажува својата животна приказна Радојка.
Самотијата не и тежи на грбот на оваа жена, ја „лекува“ со малку работа во бавчата, произведува црвена пипер, компири, домати. Подработува во рибникот сместен на почетокот на селото, а се грижи и за црквата, и за библиотеката.
-Имам се што ми треба. Комбето што носи храна до селото Базерник ми носи леб, а зеленчук сама си садам. Кученце имам, а и телевизија за друшка. Често ме посетува и внуката, таа работи во амбулантата во Демир Хисар, зборува Радојка присетувајќи се дека во младоста имала прилика да другарува со многу луѓе како сопруга на професор. Особено драги и се средбите со туристите и познати личности кои доаѓаат во посета на библиотеката, а она што и буди надеж за селото се и најавите на дел од иселените дека напролет ќе градат викенд куќи врз темелите на старите огништа во Бабино.
Иако сиромаштијата е во чекор со самотијата во Бабино, пензијата не втасува, сепак Радојка покажувајќи го демирхисарското гостопримство не понуди со грст бабински ореви, уверувајќи не со потемнатите дланки дека се тазе набрани.
Бабино село на учители
Многу вистини, но и многу приказни се исплеле во минатото за Бабино. Судејќи по археолошкото наоѓалиште Вртешка, селото е населено барем од доцната антика. Се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467/68 година, со вкупно 137 жители.
Се верува дека од ова село потекнува девојката опеана во револуционерната песна „Ја излези Ѓурго да ги видиш комитите“на војводата Јордан Пиперката.
Жителите веруваат и во преданието за старицата од Бабино, која набркана од снаите со години живеела во шумите на Илинска Планина. Гневна на судбината го проколнала сиот женски род од својот крај на стари години да живее самотнички живот исто како неа. Оттука и верувањето дека селото го добило името Бабино.
Меѓутоа за библиофилот Степановски веродостојни се пишувањата дека Бабино е село на учители. Од тука потекнувале 162 учители, кои по Втората светска војна ја ширеле писменоста низ цела Македонија.
-Вистина е дека ова е село на учители. Мартин Поповски бил учител во Бабино и ги поттикнувал своите ученици да учат и да се образуваат, им ја всадувал таа желба за науката, па и од тука почнуваат првите иселувања од селото. Учените луѓе заминувале, а селото полека се запустувало, за да дојде до ова дереџе, раскажува Степановски.
Државата да стави рака на библиотеката во Бабино и да ја препознае нејзината вредност
Степановски раскажува дека првите книгиво библиотеката „Ал-Би“ биле донесени во далечната 1882 година и тоа од Багдад, Техеран, Дамаск, Истанбул, Анкара, а се печатени на персиски, старотурски, арапски јазик. Неговиот прадедо Јован,кој како што вели бил со нагласени културни потреби и секогаш бил понапред пред своето време знаејќи ја бесценетата вредност на книгите често пати откупувал од оние војници кои во недостаток на пари од државната каси биле исплаќани со книги.
Сега фондот на библиотеката е преку 20 илјади наслови,пишувани и вредни документи,книги,текстови,ракописи на старословенски и турско-отомански јазик.
-Три-четири генерации од моето семејство ги собиравме овие книги, тие се богатство. Има ракописи и документи од особено значење за НОВ и Илинденското востание,изданија печатени до крајот на Втората светска војна,имаме примерок од весникот „Нова Македонија“ печатен во Горно Врановце, оригинално издание од „Волшебното самарче“, од Букварчето, и што уште не. Ова е светски феномен, вели Степановски во разговор за „Зелена берза“.
Во библиотеката членуваат и македонските академици, а само летово ја посетиле туристи од Бразилија, Хонгконг, Монголија. Гости на Струшките вечери на поезијата и на Малиот битолски монмартр.
Но, Степановски се жали дека оваа библиотека, иако е културно и материјално богатство е запоставена од државата.
-Покрај една ваква библиотека која претставува реткост во светот ние финансиски сме оставени сами на себе. Немаме комерцијална основа, ништо не наплаќаме, ни од членови, ни од посетители и навистина со незаинтересираноста на државата не знаеме кој пат да го фатиме. Секаде во светот вакви ретки книги имаат посебна заштита и услови на одржување. На пример во Италија во библиотеките има соодветна температура на воздухот, за кај нас што да кажам, се е препуштено на времето. Државата не само што не води грижа туку не знае да препознае која е нејзината вредност,со разочараност зборува Степановски, порачувајќидржавата час поскоро да стави рака на библиотеката и од нејзината уникатност да направи македонска атракција која ќе привлекува туристи од сите страни на светот.
Анета Блажевска