fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Пчеларник БН во служба на здравјето и руралниот туризам во Дихово

Сите знаеме дека пчелините производи се многу здрави и дека треба почесто да се консумираат. Но, малкумина знаат колку треба труд и посветеност додека се дојде до нив. Без љубов и знаење подобро е да не се влегува во овој бизнис, велат пчеларите. Но, од некаде треба да се почне.

Нацо Јовчески пред 15 години воопшто не сонувал дека еден ден ќе се занимава со пчеларење. Денес тој е дел од Пчеларникот БН стациониран во под Пелистерското село Дихово. Тој од љубопитност почнал со еден сандак пчели кој му го дал неговиот дедо во Мариово, а  ги ловел на стар традиционален начин со бртви во дупки во камењата.

„Дедо ми живееше во Мариово, беше ловочувар. Таму сите во камењата лепат бртви и велеше, некој нека си ги земи пчелите, а дедо ми да си го земе медот. Во 2005 немаше кој да ги земе пчелите и одлучив да ги земам јас. Оттогаш  почнав со еден сандак, па продолжив да ги множам. Се зголеми бројот на  пчелини сандаци 6,10,а со тоа  и обврските. Сега имаме 350 сандаци,па се надоврза брат ми и продолживме да работиме. Бројката секогаш беше различна некогаш се зголемуваше некогаш се намалуваше, во зависност од зимата, но сега се занимавам професионално со пчеларство, апи туризам и рурален труизам.“ – вели за Зелена берза  Нацо Јовчевски од Пчеларник БН Дихово.

Кога на љубопитноста ќе се додаде, желба и амбиција за да се постигне нешто, тогаш со многу работа се доаѓа до вредност која е основа за успех. За прв пат во Македонија се почнува со апи туризам. На пчеларникот во Дихово доаѓаат туристи од секаде кои покрај пчелините производи може да добијат и апи терапија.

 

 

„Задоволен сум од посетеноста. Јас сум прв во Македонија што започна да се занимава со Апи туризам.  Од 2014 работам со апитуризам, а од 2016 година направив и апи комора  во која туристите  имаат можност  да инхалираат со маски  и да дишат  директно од пчелната кошница. Тоа влијае позитивно врз здравјето особено на лица заболени од астма. Овој вид туризам е најразвиен  во Словенија. На почетокот кога одлучив да се занимавам со апитуризам бев на обука во Словенија за  да можам да го пренесам овде кај нас, објаснува  Нацо. Туристите се интересираат за тоа како функционира пчеларникот, животот на пчелите и општо  колку е добро организирано пчелното семејство и се разбира неизбежна е дегустацијата на мед и останати пчелни производи. Имаме ливадски и шумски мед, млеч, полен, прополис, комбинација  од сите производи измешани заедно со  други јаткасти  производи итн.

Пчелите бараат постојана работа и грижа. Нацо поминува голем дел од денот на пчеларникот и  работи  со мерак, бидејќи навреме треба да се сработи сè и да не се остави ништо за утре. Последниве 4 години пчелари органско производство на мед и внимава дали и каде ги стационира пчелните семејства. Сепак најчесто се под Пелистер  и подалеку од индустриска паша. Постепено се развива и свеста кај луѓето за  консумирање на органска храна  и бараат органски  мед. За своите производи Јовчевски поседува и сертификат  за органско производство на мед.

 

Во Дио нема што нема , историја, култура , традиција

 

 

Дихово, кое жителите милуваат да го викаат Дио, има долга историја и традиција  која туристите сакаат да ја дознаат. Покрај апи туризам семејството Јовчевски го развива и руралниот туризам. За таа цел во дворот на семејната куќа старата плевна е адаптирана во ресторан од затворен тип, во кој по претходна најава туристите може да уживаат во традиционалната  храна од ова место  која 90% е од домашно производство.

Во зависност од групата дали се попатно или целодневно , во Дихово, се организираат и  други активности, прошетки низ Дихово,  до познатите капењци, а  во зависност од турата има и планински тури кои тргнуваат од Дихово па продолжуваат до Големо езеро, Јоргов камен итн. , вели Благој Јовчевски, брат на Нацо, кој скромно ќе каже:

 

„Јас сум вториот од Пчеларникот БН. Главниот збор го има Нацо, тој ги работи сите работи, јас сум само за припомош, во зима за припрема на опремата , сандаци рамки,и најмногу во пролет во преселувањето на пчелите, но и околу туристите  со руралниот туризам во „Old Hоusе“. Овде има само традиционална храна. Нема скара туку тавче гравче , тас ќебап, пиперки полнети, турлитава, десерти од кои  најмногу ни е барана раванијата, а нудиме и ролат од малинки  домашно направен од нашата плантажа со малинки. Ова ни е семеен бизнис и сите сме вклучени во него. Околу храната помагаат сите во семејството дури и малите почнуваат да се мешаат и помагаа. 99% од гостите се  странци. Од сега за 2020 ги знаеме термините кој кога ќе дојди. Од нив има различни барања, кој јади свинско кој не , друг сака телешко и се прават комбинации пред еден ден, сикажуваат што сакаат. Кајнас предност е што храната ја готвиме истиот ден, нема храна од денес за утре или пак замрзната“.

 

За храната е задолжена нивната мајка Менка која јадењата ги научила од својата свекрва и мајка, а сега ги пренесува нејзините вештини и на своите снаи. Често задоволните туристи и бараат рецепт од некое јадење за кој не може со точност да ги каже количините на состојките,  бидејќи искуството ја научила да готви „од око “. Со насмевка кажа дека тајните на убавите  јадењата доаѓаат  од „ зачините  на потпелистерието“ и секако  големата  доза љубов во она што се работи.

 

 

Рецепт за Тасќебап

Доколку сакате да зготвите тас ќебап како што ни кажа Менка, потребно е свинско или телешко месо кое се пржи со масло на тивок оган. Потоа се додава издробен кромид во кој  може да се додаде морковче, пиперка и домат. Се што сакаш.  Се додава винце и се остава да динста. Потоа целата содржина (која е со мерка „од око“) се претура во земјена тава и се става в релна да се печи.  Се разбира тука се и зачините кои се додаваат по вкус. Кога ќе биде готово сѐ, служи со домашно црвено вино.

Веќе три години се „тера“ по овој рецепт „од око“ кој ги остава туристите воодушевени. Од Пчеларник БН ни рекоа дека  сакаат да продолжат  и понатаму со развој на апитуризмот ко јна нашите простори не е доволно промовиран . Желбата е пчеларникот да стигне до 500 сандаци и секако да продолжат да ги раскажуваат бројните диховски приказни во „Old Hоusе“ за што веќе се градат нови сместувачки капацитети.

Павлина Јовановска

 

 

Слични написи

Back to top button
Close