Речиси 3000 политички лидери, бизнисмени, експерти и активисти од 118 земји ќе учествуваат на светскиот економски форум кој традиционално се одржува во швајцарскиот зимски туристички центар Давос.
Американскиот претседател Доналд Трамп е меѓу 53-цата шефови на држави и влади кои ќе учествуваат на самитот, заедно со стотици бизнис лидери и активисти од граѓанскиот сектор, како еколошката активистка, Грета Тунберг.
Економскиот форум значително се промени откако 1971-та година беше основан под името европски форум за менаџмент од Клаус Шваб.
Навистина е чудно чувство толку да се биде инволвиран и постојано да се обидуваме да бидеме малку понапред од тоа што е акттуелно и затоа не приметуваме колку бргу времето поминува. Кога ќе погледнам назад, навистина сум зачуден колку многу работи се промените во светот во последните 50 години и како ние, на некој начин, постојано успеавме да бидеме пионери во справувањето со промените и да покажеме во кој правец треба да се развиваме, вели основачот на светскиот економски форум, Клаус Шваб.
Почнувајќи како мала средба на бизнисмени кои сакале да ја научат американската менаџерска пракса, овој форум се претвори во најзначајната средба на светските политички и економски лидери.
Името на самитот се промени во светски економски форум 1987-та година, како обид на Шваб со собирот да создаде платформа за решавање на меѓународните конфликти. Оваа година се очекува фокусот да биде на загриженоста заради климатските промени и заштитата на животната средина.
Значајно е дека Претседателот Трамп ќе учествува, затоа што ова е глобален самит. Гледаме дека тој е инволвиран во глобалните прашања. Истовремено, не радува фактот дека повторно тука ќе биде и Грета и сите нејзини колеги, затоа што животната средина ќе игра особено значајна улога во текот на средбите, вели Швауб.
Иако светскиот економски форум и натаму мора да се бори против репутацијата како ексклузивна енклава на швајцарските алпи на богатите, моќни и славните, својот најголем успех го постигна како место каде може да се води дијалог за најтешките прашања на неутрален терен, како преговорите Перез – Арафат , 94-тата, кои одреден период ги смирија тензиите на блискиот исток.
извор:Телма