Потпелистерие
Зад црквата, кон преспанската страна, постои дел со стара букова шума и тоа парче спаѓа во зоната на строга заштита на Националниот парк Пелистер, во која се дозволени, само научни истражувања, со претходно прибавена дозвола од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Букова шума обоена во сите нијанси на есента, послана патека со лисја во бакарна боја од селото Маловишта, југозападно низ шумата долж 2 и пол километри, ве води кон манастирот „Св. Ана“, во срцето на Националниот парк Пелистер. На надморска висина од 1410 метри, на ова место во 1936 година е изградена црквата, додека конаците, со години се градени и доградувани во минатиот век. Постојат податоци дека храм на ова место имало и во 18 век.
Манастирот „Св. Ана“, иако најмногу збира гости за славата на седми август и ноќта пред тоа на шести август, сепак тој не е заобиколен ниту во другите годишни времиња. Оваа есен е сушна, па голем дел од планинарите , но и патници намерници и деновиве се искачуваат по пелистерските височини за да дојдат до „Св. Ана“ да запалат свеќи и да се помолат за здравје.
-Посетителите од селото до манастирот најчесто се искачуваат пеш, иако ние мештаните им нудиме и коњи за пристојна цена од 500-600 денари од тура. На располагање во есен им се околу 25 коњи, во лето помалку зошто често ги ангажираме за носење на дрва или кога одиме да бериме боровинки. Во овој период во викенди доаѓаат гости, по неколку автомобили што одат во манастирот. Таму е преубаво, вели Ѓоко Мачовски жител на Маловишта, и претседател на месната заедница.
Манастирот мами со својата убавина, мистичност и чудесна моќ, па за посетителите воопшто не е тешко да го минат пеш стрмниот пат и да уживаат во природата и сите дарови на шумата додека не се искачат до храмот.
-Ако ви кажам дека сто пати сум бил на ова место, во манастирот „Св. Ана“ е малку. Овде е преубаво, местото е обележано, маркирано и секој може лесно да го најди патот до манастирот. Она што е мистично за мене во овој манастир е дрвото, трупецот кој е од десна страна од влезот, внатре во храмот. Верувајте, од тоа дрво никој не може лесно да отсече деланче, толку е тврдо што нож не го сече. Дури и биолозите се чудат кој вид на дрво е тоа. Овој манастир со години го одржува семејството Палигора од Маловишта и ние планинарите секогаш доаѓаме туку, и не само тука, туку се искачуваме и до црквичето „Св.Спас“. Целиот овој предел е преубав, впечатлив и навистина немам зборови, зошто треба секој сам да го доживее, вели Петар Ставрев, новинар, планинар и хроничар на Битола.
Планинарите забележуваат дека шумата околу манастирот е толку густа што не дава видик понатаму. Додека во Маловишта е сончево, манастирот е во сенка од букови стебла кои исто како и моликата имаат чудесна убавина.
Стрмен планински пат е оставен онака како што го обликувала природата со децении. Од страните висок, а на средината вдлабнат. Ставрев вели дека посетителите кои не го познаваат добро теренот мора да внимаваат каде се движат, зашто патеката е прекриена со дебел слој лисја и не може точно да се види дали се гази на земја, на камен или на корења од дрвјата. Местото изобилува со изворчиња, па како што забележуваат посетителите секоја голтка вода ќе ви се фати за душа.
Кога ќе го здогледате манастирот едноставно заборавате на тешкотиите при искачувањето и знаете дека сте на вистинското место каде што ќе одморите и со снагата и со мислите. Дел од буковата шума е строго заштитено подрачје.
–Зад црквата кон преспанската страна постои дел со стара букова шума и тоа парче спаѓа во зоната на строга заштита на паркот, во која се дозволени, само научни истражувања, со претходно прибавена дозвола од Министерство за животна средина и просторно планирање. Во таа зона, заради одржаните стари букови стебла (строгата заштита), со влезот на државата во ЕУ, тој дел ќе влезе и во Натура 2000 подрачја, вели Пеце Цветановски, портпарол на Националниот парк Пелистер.
Во манастирот се зачувани стари икони, дел изработени во 30-те години од минатиот век, но има и постари на кои им е потребна реставрација за да се зачуваат од натамошно распаѓање.
„Св. Ана“ е опколена и со други храмови, таму е и црквичката „Св. Спас“ високо во планината под врвот Пирамида на 2.000 метри надморска височина. Оние кои сакаат да останат и да уживаат подолго во овој крај, каде секое годишно време има своја убавина, може да преноќат во конаците, да ја користат трпезаријата и топлото огниште.
– Станува збор околу 60 легла што се сега на располагање. Мора да се вложи во конаците зошто дел се во очајна состојба, не е за влегување. Треба да се обноват за посетителите да можат да преноќат, вели Мачовски.
Чудотворната моќ на манастирот „Св. Ана“
Бројни се легендите за чудотворната моќ на манастирот „Св.Ана“ во потпелистерското село Маловишта. Посетителите велат дека секој еден верува во моќта на манастирот на свој начин и во зависност од „маката“. Во близина на манастирот има и извор за кој се верува дека е со лековита вода што извира од коренот на една бука, така било од секогаш.
Додека едни веруваат во пород, други со ноже се обидуваат да делнат од кората на старото стебло вградено во храмот и да го однесат дома со верба дека ќе им донесе среќа во семејството, трети пијат од изворот молејќи се дека водата е лековите и ќе оздрават…
Но, највпечатливи се верувањата на брачните парови кои подолго време немаат деца. Според раскажувањата на жителите од Маловишта младите парови на 6–ти наспроти 7–ми август ,спорти денот, преспиваат во манастирот „Св. Ана“ и се молат мајката на пресветата Богородица да ги израдува нивните души. Мештаните често раскажуваат за брачни парови од Битола, Ресен и од каде уште не, кои немале деца, добиле пород и секогаш со дечињата се редовни гости на славата на манастирот.
-Се случи после неколку години доаѓање во манастирот брачен пар од Кичево годинава да се израдува со близначиња. Па веќе е договорено токму тоа семејство во 2020 година да биде кум на денот на „Св.Ана“ и да го отвори манастирот , вели Мачовски.
А.Блажевска