Повеќе од 7 тони небезбедна храна од животинско и неживотинско потекло уништиле инспекторите за храна, официјалните ветеринари и операторите со храна во мај годинава. Во внатрешниот промет, во истиот временски период спроведени се вкупно 5.534 инспекциски контроли, од нив 4.035 редовни, 528 контролни и 971 вонредна инспекциска контрола,
За констатираните недоследности, изречени се вкупно 636 инспекциски мерки, донесени се 462 решенија, 149 едукации, а изречени се и две парични казни. Во месец мај, за сторена повреда на прописите од областа на безбедноста на храната, поднесени се и две прекршочни пријави.
Инспекторите за храна на граничните премини извршиле контроли на 4.194 пратки храна од неживотинско потекло. Од страна на инспекторите за храна не е изречена ниту една мерка забрана за увоз. Во мај годинава спроведени се и 1.188 контроли на пратки со предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Не е изречена ниту една забрана за увоз.
Официјалните ветеринари на граничните премини, во мај годинава извршиле контрола на 1.476 пратки храна од животинско потекло и живи животни од увоз. Во овој временски период нема вратени пратки како небезбедни. За извоз на храна од животинско потекло во мај издадени биле 347 сертификати, а за пласман на храна од неживотинско потекло на странските пазари 341 сертификат. Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство, од јануари до крајот на април спроведоа вкупно 23.392 инспекциски контроли во внатрешниот промет, при што за констатираните недоследности изрекоа вкупно 2.555 мерки. Како небезбедни инспекциските служби на Агенцијата и операторите со храна во овој временски период нештетно уништија повеќе од 130 тони храна.
Официјалните ветеринари на граничните премини, од јануари до април извршиле контрола на 9.322 пратки храна од животинско потекло од увоз, а инспекторите за храна спровеле контрола на 13.708 пратки со храна од неживотинско потекло и 3.310 контроли на пратки со предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната.