fbpx
ВестиТоп вести

Ќе останеме без домашно млеко и малешевско сирење

Намалувањето на сточниот фонд е глобален тренд со кој светот се соочува во последниве години. За разлика од развиените земји, кои издвојуваат големи износи за спас на сточарството, ние се уште не сме свесни дека оваа гранка полека изумира. Низ селата во Берово и Пехчево каде што се произведува познатото малешевско сирење, стадата овци можат да се избројат на прсти, бидејќи нема кој да ги наследи сточарите.

 

Се празнат бачилата во државата, а се намалува и бројот на овци, кози, крави и  оние кои сакаат да се занимаваат со сточарство. Ваквата состојба во државата предизвика и намалување на понудата од млеко и месо, чија цена во последно време расте и на европскиот пазар и кај нас. Сточарите секоја година го намалуваат бројот на овци, кози, крави поради ниската откупна цена на месото и млекото. Со намалувањето на сточниот фонд, пак се намалува понудата на млеко, сирење и млечни производи. Низ селата во Берово и Пехчево каде што се произведува познатото малешевско сирење, стадата овци можат да се избројат на прсти, бидејќи сточарите нема кој да ги наследи.

Никола Георгиев од Сојуз на овчари вели дека намалувањето на сточниот фонд е глобален тренд од кој не се поштедени ниту земјите од ЕУ, а ни Австралија и Нов Зеланд каде што сточарството е една од водечките стопански гранки.

-Во Нов Зеланд во 80-тите години имало по 22 овци по глава на жител, а сега има по 6 до 7 овци. Намалувањето на сточниот фонд во ЕУ, пак, се должи на стареење на населението, а старосната граница на сточарите е 62, 63 години. Поради страв дека ќе остане без сточари, ЕУ издвојува по 5 милијарди евра годишно за мотивирање на младите сточари да ги одржат стадата. Во Словенија, пак, децата го преземат сточарството од родителите добиваат 45.000 евра неповратни средства од државата за да можат да го продолжат бизнисот. Во Австралија таа помош досега изнесуваше 5 илјади долари, а од годинава е зголемена на 45.000 долари, вели Георгиев.

Тој додава дека кај нас сточниот фонд во последниве години драстично се намали и сега изнесува само 600.000 овци, кои уште повеќе ќе се намалуваат. Со намалување на сточниот фонд последните 4-5 години се чувствува недостаток на квалитетни сирења.

Покрај намалување на стадата и производството на овчо млеко во последните години е забележан пад и на кравјото млеко и затворање на голем број фарми во државата. Причините исти: неисплатливост, високи трошоци и ниската откупна цена за литар кравјо млеко.

Фактот дека производната цена е поголема отколку откупната, која се движи од 15 до 19 денари за литар, натера многу сточарите во државата да ги продаваат своите стада и да не се занимаваат со оваа гранка.

И козарството е во значајно опаѓање, пред сè, поради немањето доволно работна рака, проблемот со ниските откупни цени на млекото, ниските откупни цени на месото, проблемот со достапните патишта до пасиштата.

– Масовното иселување на младите од руралните средини доведе до тоа да нема кој да одгледува стока и да произведува млеко. Од друга страна, и цената на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко, вели Трајан, сточар од Овче Поле.

Производството на млеко во државата се карактеризира со голем број мали фарми, традиционалните фармери се 75 проценти од вкупниот број, кои имаат ниско продуктивни од една до три крави, со ниско годишно производство на млеко од две до три илјади литри по крава.

Мал е бројот на големи специјализирани фарми со над 20 крави, кои изнесуваат околу 3 отсто од вкупниот број и кои имаат висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри од крава. Само еден процент од фармите имаат повеќе од 50 грла.

Извор: вечерпрес

 

Слични написи

Back to top button
Close