1200 тони месо од Канада и Бразил, без царина завршиле во промет
Во Македонија се увезувало и продавало месо од Бразил и Канада – без да се плати царина. Финансовата полиција отвори истрага за овој случај во кој се проценува дека на државата и е нанесена штета од околу еден милион евра. Царинската управа потврдува дека се води истрага, а од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се информирани за случајот.
„Агенцијата за храна и ветеринарство деновиве доби информација од Царинската управа на Република Македонија дека компанијата “Интернационал фуд базар” од Скопје ја нема испочитувано законската обврска за плаќање на царински давачки за увоз на месо.“
Оваа фирма последен пат направила увоз на месо во земјава пред една година. Во случајот кој е предмет на истрага, во земјава влегле 50 шлепери месо и без царинење завршиле во малопродажба. Според нашите сознанија, пратки со 1.200 тони месо исчезнале од царинскиот склад на фирмата увозник – лоцирана во скопската населба Илинден, веднаш по нивното влегување во земјава. Од финансиска полиција велат дека повеќе детали не може да се откријат во интерес на истрагата.
„Пред неколку денови добивме допис од Царинската Управа од каде побараа да се испита случајот. Верувам дека за околу две недели ќе имаме повеќе информации.“ – велат од финансиската полиција.
Се претпоставува дека месото кое било пилешко, јунешко и свинско без коска, е пуштено во промет.
Месото за кое се води истрага завршувало во супермаркетите, но и во саламите и другите сувомеснати призводи кај неколку преработувачи. Истрагата дополнително треба да утврди и дали месото ги поминало и контролите за безбедност и квалитет.
Сепак од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека и во овој случај во делот на безбедбноста на увезените пратки процедурите биле испочитувани. Односно, правилата налагаат за влез на пратките од животинско потекло при увоз прво да се издаде Ветеринарен влезен документ со комплетни податоци за пратката, во однос на безбедносните гаранции за истата, а потоа во царинска постапка да се изврши и царинење на истата, што е во надлежност на Царинската управа.