25 години од Доли: Што се случи со првото клонирано животно?
Прочуената овца Доли беше клонирана пред 25 години. Оттогаш е постигнат голем напредок во истражувањето на матичните клетки. И многу други животни се клонирани - вклучително и домашни миленици.
Пред 25 години, овцата со име Доли стана првото клонирано животно, со користење на возрасна соматска клетка. Експериментот Доли одекна во вестите низ целиот свет. Тоа го промени светот на истражувањето на матичните клетки – и го одржа во живот британскиот институт кој го спроведуваше експериментот.
„Од лична гледна точка, една од најважните работи што произлезе од Доли беше опстанокот на истражувачкиот институт во кој работам“, вели низ смеа за ДВ, Алан Арчибалд од Институтот Рослин во Велика Британија, кој беше дел од експериментот во 1996 година.
„Се соочувавме со кратења од страна на владата. И парите што ги заработивме со продавање на интелектуалната сопственост на Доли нè одржуваа додека не најдовме алтернативни извори на пари“.
Како беше клонирана Доли
Доли е клонирана со помош на клетка земена од млечна жлезда на друга овца. Таа е родена во јули 1996 година со бело лице – јасен знак дека е клонирана, бидејќи ако би била во роднинска врска со нејзината сурогат мајка, би имала црно лице.
Истражувачите ја нарекоа Доли по американската пејачка Доли Партон, која е позната по нејзините големи „млечни жлезди“ – гради.
Доли е единственото бебе овца што се роди живо од вкупно 277 клонирани ембриони. Таа роди шест бебиња, а на шестгодишна возраст почина од белодробна болест.
Клонирање на домашни миленици
Создадена е и мала индустрија околу клонирањето на домашни миленици. Примерите ја вклучуваат компанијата ВиаГен во САД, Синоген во Кина и Соам Бајотек во Јужна Кореја.
Кучето Снапи беше клонирано во 2005 година во Јужна Кореја, мачката Лук во јули 2019 година во Кина, а Мис Вајолет и Мис Скарлет беа клонирани откако на американската пејачка Барбара Стрејсенд ѝ почина нејзиното куче Саманта во 2017 година.
„Оправдување за ова е да се замени загубеното многу сакано милениче“, вели Ловел-Баџ. „Сепак, ова е глупост.“
Тој вели дека иако е вистина дека клонираното животно во основа ќе ја има истата геномска ДНК како првобитното милениче, животните „не се едноставно производ на [нивната] ДНК“.
Дури и ако клонирањето е успешно, природата на животното во дел ја одредуваат неговите гени, но, исто така, и околината, што значи дека клонот никогаш нема да биде сосема ист како вистинското животно, вели тој.
Арчибалд додава дека иако технологијата за клонирање сега е поефикасна отколку кога беше направена Доли, процесот сè уште е прилично неефикасен. „Ќе ви требаат многу женски единки за да ги снесат јајцата кои би се користеле во процесот“, вели тој.https://www.dw.com/mk/