3,5 милиони евра за механизација за чистење и регулација на речните корита
Вкупно 3,5 милиони евра за набавка на механизација ќе добие АД „Водостопанство на Република Македонија“ преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.
Средствата се за период од три години, а со нив, како што информира директорот Ромео Тренов, претпријатието ќе купи булдожери, мали скипови за отстранување поситни дефекти, камиони за транспорт, за пренесување на механизацијата од една територија на друга. Опремата, за почеток, ќе биде стационирана во Скопје, Пелагонија и во Тиквеш, како точки од кои најбрзо би можеле да се опслужат повеќе подрачја низ државата.
– За нас е ова најбитен момент зашто практично стануваме функционално претпријатие. По набавката на механизацијата, со соодветен план за чистење и регулација на речните корита, очекуваме за две-три години да овозможиме речните корита да бидат во полна кондиција, да може да примат минимум 20-годишни води – рече Тренов.
Тој посочи дека каналите редовно се чистат, но вегетацијата постојано се обновува, а тендерските постапки, кои се меѓународни, обично траат многу, по 90 дена.
– Затоа сега, со набавката на потребната механизација, која треба да се реализира до крајот на годината, ќе бидеме во состојба да реагираме многу брзо и ефикасно – истакна Тренов.
Според директорката на Платежната агенција, Билјана Вуковиќ, покрај средствата за механизација, АД „Водостопанство“ од Програмата за рурален развој ќе добие и дополнителна поддршка, за другите активности. Тренов информира дека претпријатието веќе има изготвено проекти. Станува збор за инвестиции што треба да го подобрат системот за наводнување и одводнување, чистењето на каналите, санација на цевководи, пумпни станици и други објекти.