Пазарџиите со барања за спречување на нелојалната конкуренција и намалување на нелегалната трговија околу пазарите
Групацијата на пазари во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија алармира на проблемите со кои организаторите на пазари се соочуваат континуирано од аспект на нелојалната конкуренција и нелегалната трговија на просторот околу пазарите. Ако континуирано проблем се „дивите“ пазарџии кои секојдневно продаваат околу самите зелени пазари, уште еден дополнителен проблем во летните периоди, а и еден подолг период до крајот на годината, станува и продажбата на овошје и зеленчук од камиони по улиците низ градовите во земјата, истакна Даниела Михајловска Василевска на прес-конференцијата во Комората .
Во Македонија во повеќе од 50 градови/општини, функционираат организатори на пазари. Повеќе од 20.000 тезги има инсталирано на пазарите. Организаторите се правни лица, формирани од локалната самоуправа и согласно своите активности имаат интерес за развој на дејноста, модернизација на пазарите, воведување нови содржини, работење согласно законските прописи и норми.
-Проблемот со кој се соочуваат организаторите на пазари е што продажбата од камиони прави негативни реперкусии од повеќе аспекти, – информираше претседателот на Групацијата на пазари Сашо Стаматов. Тоа се:
* Со продажба надвор од просторите со кои управуваат организаторите на пазари, се прави нелојалната конкуренција и на тој начин продавачите не плаќаат ниту за закуп на простор/тезга, ниту пак се основ за плаќање данок. Закупците на тезги внатре во пазарите, плаќаат 10% данок на промет согласно висината на цената што ја плаќаат за закуп на тезга, односно за закуп на простор.
* Продажбата надвор од просторот со кој управуваат организаторите на пазари е и нелегалната трговија, бидејќи согласно Законот за забрана на вршење нерегистрирана дејност, се дозволува на пазарите да продаваат нерегистрирани трговци, но при тоа тие мора да имаат склучено договор со организаторите на пазари, што е основ за нивно оданочување со персонален данок согласно Законот за даноци.
* Продажбата на зеленчук и овошје надвор од просторите на пазарите е и нехигиенски и основ за разни видови зарази, но и создавање отпад недозволиво и без контрола, што претставува дополнително загадување на животната средина и несоодветно третирање на комуналниот отпад.
* Продажбата надвор од пазарите остава простор и натаму една група граѓани да се водат како категорија на граѓани кои имаат потреба од помош и поддршка од државата а всушност станува збор за лица кои самите си обезбедуваат егзистенција.
Нелегалната трговија и нелојалната конкуренција негативно се одразуваат на организаторите на пазари, бидејќи со продажба надвор од просторот на организаторите се намалуваат нивните приходи, а со тоа се елиминира и можноста за нови инвестиции и модернизација на пазарите; губат и закупците на тезги кои легално се евидентирани во системот и ги плаќаат сите обврски вклучително и данокот кон државата, а губи и локалната самоуправа и државниот буџет бидејќи продажбата надвор од системот значи помалку приходи на локално и на државно ниво, потенцираше Александар Јамалов, заменик-претседател на Групацијата на пазари во рамките на Комората.
Во насока на сериозно намалување на нелојалната конкуренција и на нелегалната трговија околу пазарите, Групацијата на пазари ќе иницира средба со единиците на локалната самоуправа и со Министерството за внатрешни работи. Преку ЗЕЛС ќе се бара општините заедно со пазарите да работат на максимално искористување на капацитетите на пазарите, а со МВР почитување на Законот за безбедност на сообраќај и Законот за јавна чистота, со што ќе се работи на дислоцирање на камионите и на „дивите“ пазарџии од просторите за кои немаат дозвола, како и поради фактот што се доведува под знак прашање безбедноста во сообраќајот.
Пазарџиите со барања за спречување на нелојалната конкуренција и намалување на нелегалната трговија околу пазарите