МЗШВ: Зголемувањето на акцизата не треба да ги загрижува земјоделците
Собранието ги изгласа измените на Законот за акцизи согласно кои дизелот и нафтата за греење од 1 јануари 2018 година ќе поскапат за 3,5 денари. Ваквото владино решение, уште пред да биде официјално усвоено од страна на Парламетот, ги подели земјоделците.
Едни сметаа дека секоја дополнителна давачка е товар за производството и бараа преиспитување на одлуката или нејзино изземање од делот на аграрот, а други, дека поскапувањето на нафатата за 3,5 денари нема да биде голем трошок.
– Се уште е рано да се прогнозира колкави ќе бидат поскапувањата на земјоделските производи, но извесно е дека зголемувањето на акцизата ќе биде многу непријатно за земјоделците. Тврдиме дека земјоделската механизација што троши огромни количини гориво, не загадува ниту град, ниту село и би требало да се размисли дали оваа мерка навистина треба да се воведе во земјоделството, изјави за МИА претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија Вељо Тантаров.
За претседателот на здружението „Агротиквешија“ Љупчо Аризанов зголемувањето на акцизата не е добро решение, дури е и, како што рече, против земјоделството.
– Горивото е една од носечките инвестиции за секој земјоделец. Апсолутно се зголемуваат трошоците преку зголемувањето на цената на нафтата: за заштита на растенијата, за орањето, за сите земјоделски активности. Се се зголемува. Зголемувањето на цената на нафтата не е во ред, а допрва ќе видиме и како ќе се одрази, дали директно на наш грб зашто преку цените на крајните производи кои се исти со години, тешко можеме да ги уновчиме трошоците кои сега дополнително ќе пораснат, истакна Аризанов.
Во текот на собраниската расправа и опозициските пратеници посочија дека зголемувањето на акцизата, особено во земјоделството, е многу непопуларна мерка која ќе доведе до поскапување на храната.
Според претседателот на Синдикатот на земјоделците во струмичкиот регион Ристо Велков, сите вакви реакции околу акцизата се политички манипулации. Има, вели тој, многу побитни работи кои треба да се земат предвид кога станува збор за земјоделското производство.
– Трошоците поради нејзиното зголемување ќе бидат минорни. Репроматеријалите што поскапуваат секоја година, се повлијателни во висината на чинење на производството, напоменува Велков.
Од Министерството за земјоделство се децидни, дека зголемувањето на акцизата не треба да ги загрижува земјоделците зашто со воведувањето на „зелената нафта“ трошоците за производство ќе бидат значително намалени. Според МЗШВ, не треба да се загрижени ниту потрошувачите, зашто, како што информира, зголемувањето на акцизата нема да ги поскапи земјоделските производи произведени на фарма.
– Направени се сите потребни анализи за воведување „зелена нафта“ во земјоделството. Стартот на мерката е планиран за 2018 година. Зелената нафта значи поевтино производство и уште една придобивка за сите земјоделци, рече ресорниот министер Љупчо Николовски.