Од овошје и зеленчук до козметика со органско производство
Расте органското производство во земјава, а освен зеленчук и овошје, органските производители се креативни во својата работа, па произведуваат и органски креми.
Емилија Јакимовска од Куманово почнала да произведува органско гоџи бери, по што добила идеја да се занимава и со производство на козметика. Да се одгледува гоџи бери е како да се расте дете, вели таа.
“Првенствено имавме идеја да одгледуваме гоџи бери, актуелно беше анти ејџ, гоџи бери чудотворната билка од Тибет, стогодишното чудо. Дојдовме до идеја да направиме козметика од гоџи бери. Првите производи кои ги направивме беа ноќната и дневната крема. Карактеристично за нашата козметика е што има богатство од масла. Користиме масла од кајсиени семки, пченички никулци, јојоба, шеа путер, и овие компоненти на кожата и даваат една прекрасна еластичност, ја хидрираат, ја ревитализираaт, ја тонизираат и се разбира го стопираат стареењето и ги обновуваат изумрените клетки на кожата. Потоа дојдовме на идеја да направиме цела палета на производи од гоџи бери“- вели Јакимовска.
Бране Атанасов од организацијата „Покров“ од Струмица вели дека имаат широк асортиман на производи, а овој период од годината имаат марули и од лани имаат залихи од сок од розеви домати кои се со органско потекло.
„Во секој случај се исплати. Нашата организација органското производство го практикува веќе три години. Секако повеќе алудираме на квалитетот на производите затоа што сепак е потежок патот на органското производство за добивање на големи приноси. Меѓутоа го ценат многу повеќе самиот квалитет на производите и затоа настојуваме да го постигнеме тоа. Сега во моментот, најмногу продаваме во Скопје, тоа се специјализирани продавници за органска храна, меѓутоа секако ни се јави малку хиперпродукција, па производите ги нудиме на нашите локални ресторани да немаме воопшто загуба. Имаме планови да направиме преработувачки капацитет, да имаат поголема трајност“- вели Атанасов.
Марија Дудуковска од Берово од 2011 година одгледува органска аронија, а сега веќе имаат род од 23 тони годишно.
“За да биде здрава храна, јас го прифаќам она дека храната е лек, и така решивме да одгледуваме аронија. По пензионирање одлучивме да живееме во Берово каде бобинките се многу успешни. Земјата мора да биде чиста, прскање никакво, плевење правиме на голема површина механички. Може да се прават мармалади, слатка, свежа, смрзната да се јаде аронијата“- објаснува Дудуковска.
Досега продавале за домашен пазар, но работат на тоа аронијата да ја пласираат и надвор.
Лани во земјава имало 3.240 хектари под органско производство, што е повеќе од она во 2014 година. Органски оператори во Македонија има 533.