До кога на земјоделците ќе им пропаѓа родот?
Во текот на изминативе месеци честопати бевме сведоци за проблемите со пласманот на земјоделските продукти, како и на фактот дека некои од нив завршуваа во реките, на депонии или на улиците наместо на нечија трпеза. Во Македонија речиси секоја година се јавуваат слични проблеми, земјоделците бидејќи не се во можност да го продадат родот го фрлаат, а некои од нив се одлучуваат да го дадат по екстремно ниски цени колку да се намалат трошоците. Причините за ваквата состојба, според инволвираните, се различни. Некои од нив лежат во непланското производство, потоа во немањето соработка и организираност помеѓу земјоделците, производителите, трговците или преработувачите, но и во слабите приноси и високите трошоци што го прави нашето земјоделство неконкурентно…
Со оглед на фактот дека во последниве години слични проблеми не се појавиле само кај одгледувачите на тутун, ги запрашавме експертите во што е тајната и дали истиот принцип може да се примени и кај другите земјоделски производи.
– Кај тутунот како производ, кој е под монопол на државата, одгледувањето се контролира за да нема шверц, така што не може да се сади без производителот да е лиценциран. Односно тоа е регулиран производ, принцип што не е применлив кај другите производи. Имено, плански откуп може да има само кај култури за кои има и преработка. На пример кај бостанот нема преработка, тој може да се пласира само свеж, па ако има преголемо производство отколку што се троши и извезува, нема друга опција – вели професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Чукалиев истакнува дека извозниците, водејќи се од своите трошковни елементи, гледаат да го откупат производот по најниска цена, бидејќи земјоделските производи се расипливи продукти, па може да им пропадне инвестицијата. Тој потсети на кризата со царините што ги воведе Косово, посочувајќи дека истата таа предизвика големи штети и кај земјоделците и кај извозниците што производите, кои не успеале да ги извезат, а ги купиле, морале да ги фрлат, бидејќи по три недели сигурно биле расипани.
– Неопходна е добра земјоделска политика, со која ќе се насочуваат земјоделците што да одгледуваат, а не како сега да садат продукти за кои слушнале или за кои сметаат дека треба да ги насадат. Треба да има план, да се садат култури што ќе донесат заработка. Нашето производство го карактеризираат мала заработка, ниски приноси и високи трошоци. Покрај сериозна промена во земјоделските политики, исто така треба да се подобри технологијата што се користи во земјоделството, да се зголемат приносите, а да се намалат трошоците. Треба и да се користат квалитетни семиња што даваат поголем род, не она што сами си го зачувале земјоделците – посочува Чукалиев.
Професорот потсетува на основното економско правило, дека пазарот ги формира цените зависно од понудата и од побарувачката, па штом еден производ го има во големи количества, а не се извезува, цената се намалува. Бидејќи во случајов станува збор за производи што брзо се расипуваат, па производителите имаат опција или по ниски цени да продаваат или да фрлаат.
– Дополнителен проблем за нашето производство е што сме мали, и произведуваме мали количества, поради што дистрибутерите воопшто не нѐ резгледуваат како опција за големите пазари. Исто така немаме ниту еден производ што се произведува 365 дена во годината, додека Шпанија или Холандија на пример, имаат производи цела година. Нашите извозници не можат ни да преговараат со големите синџири на храна, кои бараат големи количества што, пак, нашите производители не можат да ги обезбедат, а и голем дел од продуктите не се какви што ги бараат дистрибутерите – заклучи Чукалиев.
Управителот на фирмата „Примекс“, која се занимава со преработка на пиперки, праз и кромид, Паскал Шалев, истакнува дека договореното производство барем кога станува збор за производителите на пиперки е скоро невозможно.
– Со набавката на пиперки, борба водиме за количества и цени секоја година. Земјоделците не сакаат однапред да договорат ниту цени ниту количества. Цените ги формираат зависно од интересот, ако има поголем извоз ја зголемуваат цената или ги заобиколуваат преработувачите, сите во фелата, не само нас како фирма. Се обидуваме со договори со земјоделците, но тоа не успева. Сепак, мора да истакнам дека кај пиперката не се случува да бидат фрлени продукти, нивниот производ се продава и немаат проблем со пласманот и со цената. Проблем кај нас е што производителите имаат мали приноси, работат со стари семиња… Мора да се промени начинот на одгледување кај нас. Квалитетни пиперки добиваме само од оранжериите или од производители што сфатиле како треба да функционира производството за да се извади добар квалитет – објаснува Шалев.
И Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агро фаланга“, посочи дека домашното земјоделско производство е во лоша состојба, додавајќи дека земјоделците честопати одлуката за садење ја носат врз основа на цените на продуктите од минатите години.
– Секоја година имаме поплаки за скапување на дел од производите и за премногу ниски цени. Договорното производство никако да профункционира. Ситните земјоделци не се здружуваат во задруги што би се појавувале на пазарот како покрупни производители и би барале стабилни и редовни клиенти, а со тоа би ја осигуриле својата финансиска корист – кажа Станковски.