На ова наизглед едноставно прашање, никогаш не можеме да дадеме едноставен одговор. Секое лозје има специфични услови на одгледување и секој лозар ги следи временските услови и состојбата на своите лози, врз основа на што одлучува дали резидбата ќе ја изврши на крајот од декември и почетокот на јануари или ќе го почека Свети Трифун, кога веќе стотина години наназад, традиционално се врши резидбата.
Работи во лозјето и состојба пред почетокот на режењето
Режењето на виновата лоза е многу значајна агротехничка мерка и претставува најважниот чекор во одгледувањето на лозјето, за што се согласуваат и експертите и производителите. Изрежаната лоза секогаш дава поубави, покрупни и поквалитетни плодови, со поголема содржина на шеќер и суви материи. Кај младото лозје, со резидбата се формираат млади стебла, а кај веќе формираните стебла со резидбата со години се одржуваат квалитетни дрвенести делови на виновата лоза т.н чокоти. На тој начин, се регулира се што е неопходно за добар род – бројот на посакуваните родни окца, ластари и се планира бројот на гроздови на чокотот, а така директно се контролира родноста и се влијае на идниот квалитет како на грозјето, така и на виното како крупно производство.
Заштита на дрвенестите делови на лозата од ниските температури – најважната работа која се извршува во текот на зимското мирување!
Заштитата од ниските температури е неопходна за сите лозја, а посебно за младите. Оваа зима за среќа немавме изразито ниски температури, така што не беше тешко да се заштити виновата лоза. Во годините, во кои доаѓа до многу ниски температури, неопходно е да се спроведат сите мерки на заштита, во договор со советниците за лозарство, на секој терен посебно.
Во текот на зимата виновите лози, се штитат самите себе си со мирување.
Поради пролетните температури на воздухот во јануари, лозарите стравувале дали топлата зима ќе им нанесе голема штета. Секој зимски ден, кој бил со температура над 12 степени Целзиусови, можел да предизвика будење на вегетацијата. Кога во следните денови би дошло до нагла појава на мраз, би постоела реална опасност од оштетување на лозјето. Во такви услови, прво би страдале тукушто подигнатите млади насади.
Ниските температури во месеците кога и треба времето да биде ладно, не се непријатели на одгледуваните растенија, па така ниту на виновата лоза. Ладното време во текот на зимските месеци е важно и за развој на повеќегодишните растенија, како би можеле и тие да поминат низ сите неопходни физиолошки процеси.
Благите температури во јануари, поволно влијаат на чокотите, ластарите добро созреале по целата своја должина, а единствената опасност моментално се заканува од појава на штетници и други габични заболувања.
Резидба во родните лозја
Резидбата на зрело, зимската резидба во родните лозја се врши во периодот на мирување на лозјето. Во наши услови, резидбата може да се врши и во есен, во текот на зимата и во рана пролет.
Најсигурно е со резидба да се започне после 14 февруари, после Свети Трифун!
Зимската резидба, односно резидбата на зрело, треба да биде завршена пред почетокот на вегетацијата на пролет. Кога зборуваме за зимска и рана пролетна резидба, всушност мислиме на иста резидба, единствено што времето на резидбата го избира секој лозар посебно, зависно од условите во своето лозје. Секогаш, одлуката мора да ја донесе, самиот сопственик на лозјето, согледувајќи ги сите фактори (кои секогаш се разликуваат од лозје до лозје), да одлучи кога ќе започне со оваа голема работа.
Секогаш, најбезбедно е со резидба да се започне после 14 февруари, после Свети Трифун, заштитникот на лозјето и тоа првото режење е со погача во лозјето и залевање на чокотот со црвено вино. Временските услови после тој период треба да обезбедат поголем успех од резидбата. На многу лозари им е тешко да го почекаат овој период, поради малиот број на искусни мајстори кои можат да ги ангажираат на големата површина под лозјето. Во повеќебројните семејства и лозјата подигнати на помали површини, овој начин на организирање е многу полесен. Со резидбата се продолжува во текот на пролетта.
Како да се спречи инфекција на местото на резидбата
Задолжително, режењето треба да се врши со дезинфицирани, чисти ножици, под правилен агол, што во било кое време можат да ви го покажат и старите лозари, но и советниците и тоа внимавајќи, остриот дел на ножицата да биде што е можно поблиску до чокотот.
Покрај тоа, задолжително е да се применат мерки за борба против плевелот. Во младите лозја, препораката е тоа да бидат механички мерки, а во никој случај хемиски. Тука, едноставно забрането е да се користат хербициди и тоа до третата година на старост на лозјето, со што би се избегнале оштетувањата кои сите хемиски средства можат да им ги нанесат на листовите на виновата лоза.
Во првите седмици, кога е забележливо движење на вегетацијата и кога младата лоза ќе достигне 15 – 20 см височина, не е потребно да применувате никаква заштита, дури ни механичка. И во случај да има повеќе врнежи, сите садници на пазарот се сертифицирани и здравствено безбедни.
Најпосле, советот е: подобро обезбедете повеќе раце и ножици и започнете режење на лозјето, во втората половина на февруари и очекувајте сончево лето, со просечни дневни температури и врнежи под просекот кои ќе обезбедат одлична берба и можност целиот вложен труд и работа, да се исплатат и наплатат!
Валентина Соколовска
за Зелена берза