Категоризација на фармите за побезбедно млеко
Фармата за крави на семејството Јаневски во село Петровец има 40 грла добиток, кои дневно произведуваат 550 литри млеко. Целото производство го откупува фабриката „Бучен Козјак“ по цена од 20 денари за литар. Семејството пред пет години ја направило најголемата инвестиција во современо одгледувалиште и технологија за добивање поголеми количини побезбедно и поквалитетно млеко.
Краварската фарма во Петровец вчера ја посетија дечиња од детската градинка „Кокиче“ од скопската општина Кисела Вода, кои во рамки на кампањата за едукација на Агенцијата за храна и ветеринарство „Од нива до трпеза, од фарма до виљушка – безбедна храна за македонските граѓани“ се запознаа со процесот на производство на млеко.
„Агенцијата во својата кампања за едукација ги опфати најмладите, како идни потрошувачи, кои ќе треба да бидат партнери и да ни даваат препораки за подобрување на квалитетот на храната. Заради тоа треба да бидат едуцирани и да знаат да се грижат за своето здравје“, рече Абдулезел Догани, заменик- директор на АХВ. Македонските фарми до 2019 година ќе мора да произведуваат млеко кое целосно ќе ги задоволува европските критериуми за квалитет. Во моментов само дел од домашните производители го достигнуваат тоа ниво, покажуваат истражувањата на Агенцијата за храна и ветеринарство. Македонските граѓани заслужуваат да консумираат безбедни продукти, кои ги исполнуваат највисоките стандарди. Секој совесен и едуциран потрошувач може да придонесе за подигнување на безбедноста на храната и на тој начин да го заштити своето здравје. „Во втората половина на минатата година Агенцијата започна проект за категоризација на фармите, кои кај нас се околу 9.000. Ќе бидат категоризирани во однос на три клучни параметри, инфраструктура, хигиена на објекти, собирање и транспорт на млеко, како и критериуми за сурово млеко со што ќе се добие јасна слика за нивото на присуството на бројот на микроорганизми и на соматски клетки во домашното млеко“, вели Олга Јаневска од Секторот за ветеринарно јавно здравство на АХВ. Таа посочува дека оваа фаза од категоризацијата ќе заврши до 2019 година, кога млекото кое нема да го постигне европскиот квалитет нема да биде откупувано. Вкупниот број на микроорганизми во еден милилитар млеко на 30 Целзиусови степени, треба да биде до 100.000, додека на соматски клетки, до 400.000. Освен инвестиции во нови грла и нова технологија, македонските краварски фарми ќе треба да инвестираат и во безбедност на производствениот процес и во благосостојба на животните, што е еден од главните услови за добивање повисок квалитет на млекото. „Производството на млеко е добар бизнис од кој може да се живее доколку фармерите самите ја произведуваат добиточната храна. Во моментов откупната цена се движи околу 20 денари, но реалната е околу 23-24 денари, а субвенцијата за еден литар предадено млеко изнесува 3,5 денари“, вели Дејан Јаневски, сопственик на фармата „Лука промет“ во Петровец. |