Во периодот на зимското мирување на пчелите, на пчеларникот можат да се појават повеќе штетници, кои освен што го нарушуваат мирот во пчелната кошница, можат и да доведат до целосно угинување на семејството и покрај тоа што пчеларот ги превзел сите неопходни апитехнички мерки за успешно презимување на пчелното семејство. Еден од таквите пчелни штетници е и шарениот клукајдрвец.
Пчелите и нивните ларви не се класична храна за шарениот клукајдрвец, но студените и долги зими можат да бидат причина за клукајдрвецот својата борба за опстанок и преживување да ја поведе и на пчеларникот. Клукајдрвецот ги напаѓа дрвените кошници, а забележани се случаи кога се нападнати и кошници од стиропор. Интересно е тоа што клукајдрвецот многу точно и прецизно избира каде е најтенкиот дел од ѕидот на кошницата и токму таму пробива дупка. Ова најчесто се случува на кошниците кај кои постојат изрезбани жлебови кон внатре, кои служат како рачки. Тој дел е најтенок и клукајдрвецот најлесно го пробива. При пробивањето на дупките пчелите се вознемирени, зимското клопче се растура, пчелите пробуваат да се одбранат па дел од пчелите паѓаат на подницата каде поради студот угинуваат, а дел стануваат храна за натрапникот. Како храна на клукајдрвецот можат да послужат и ларвите од пчелното легло, чие вадење од ќелиите не претставува потешкотија за долгиот и леплив јазик на клукајдрвецот. После оброкот клукајдрвецот го напушта местото, дел од саќето е уништено, а дупката која ја направил е преголема за да можат пчелите при убаво време да ја затворат и прополизираат, па преку неа многу често влегуваат глувци и студ кои се причина за дополнително нарушување на функционирањето на пчелното семејство и негово угинување.
Помеѓу пчеларите постојат повеќе „техники“ за заштита доколку се забележат напади од клукајдрвците. Доколку се работи за помал број на кошници, добро решение е преку зимата тие да се завиткаат со мрежа чии отвори нема да пречат на пчелите, а ќе бидат непроодни за птиците. На пчеларници со повеќе семејства, пчеларите практикуваат на повисоки колци да закачат стари компакт дискови, ленти од видео или аудио касети или најразлични сјајни предмети кои предизвикуваат страв и одбивност кај клукајдрвците. Некои пчелари прават и најразлични страшила, а според некои, позитивен ефект врз одбивањето на клукајдрвците има поставувањето на пластични реплики на бувови или некои други грабливи птици на одредени места на пчеларникот.
Доколку веќе настанала штета и кошниците се пробушени и оштетени, а за семејствата сеуште постои надеж за спас, дупките привремено се затвораат со пур-пена, силикон, мешавина од лепак и дрвени струготини, се залепува парче дрво врз дупката и слично, а на пролет и при поволни услови, оштетената кошница се заменува со здрава.
Валентина Соколовска
за Зелена берза