fbpx
Вести

Приказна за производство на волнени производи во Беровско

Во Малешевијата сѐ уште се негува традицијата на производство на волнени производи. Здружението на жени ткајачи „Серафим” од Берово е еден од ретките примери како во време на транзицискиот период преку негување на традицијата на изработка на производи од волна малешевската жена со сета своја умешност и знаење успеала да го одржи семејството како основна нишка на човековото живеење.

Приказната за предизвиците при зачувувањето од изумирање на овој занает со кои се соочиле Малешевките за „МИА“ ни ја долови Ана Пачемска, претседателка на здружението „Серафим”, која преку учество во разни обуки денес им дели совети на голем број жени кои по останувањето без работа неретко се одлучуваат за нејзин совет како да го научат занаетот што од дамнина го негувале Малешевци.

-Јас сум претседател на Здружението на жени ткајачи од Берово – „Серафим“. Постоиме од 2001 година, со членови варираме, меѓутоа во Берово нѐ има некаде околу 60 жени ткајачи. Основната цел ни беше да ја негуваме традицијата на ткаење и изработка на волна за производство на облека и опрема за домовите. Во времето кога настана кризата и преминот на општеството од поранешниот систем многу жени останаа без работа, настанаа одредени друштвени нарушувања, при што моравме како жени домаќинки да продолжиме да придонесуваме во егзистенцијата и одржувањето на семејството како основна нишка во општественото живеење. Она што ме поттикна е тоа што Малешевијата располага со ресурси на сточарство, а бидејќи малешевската жена е позната во изработката на килими, ние почнавме со активности во насока на продолжување на традицијата на ткаење, пред сѐ, како што реков, заради искористувањето на волната, која низ традицијата и низ современиот начин на живот беше занемарена и неупотреблива, вели Пачемска.

Во 2001 година, преку обуките на Американската агенција за ракотворење, Малешевки успеале да го доловат современиот начин на живот, токму претставувајќи ја волната како производ што нема алерген, кој е топлотен и изолациски производ и што во развиениот свет се употребува исклучиво за облека, но и за опрема во домовите.

-Малешевијата е позната по изработката на килими, изработката на јамболии и изработката на производи за опрема, како што се џемпери, чорапи и друго. Барајќи жени за своите обуки во 2001 година со помош на Американската агенција АТА и обуките што беа спроведени на некој начин во голема мера се придонесе да се најдат одредени можности жените да егизстираат, од една страна, да ја продолжат традицијата на изработка на ракотворби, а од друга страна, да дадат одредени проиводи што современиот свет ги користи. Јас и претседателката на жени Цвета од Крушево и една жена која изработува везени ракотворби од Гостивар бевме на Светскиот саем во Њујорк. Обуката траеше околу пет години и со одредени насоки ние успеавме да изработуваме производи што наоѓаа употреба во секојдневието, а за почеток почнавме да изработуваме подметнувачи за американскиот пазар, одредени предмети како торби, чорапи, шалови, постелки, подметнувачи за кучиња и мачки, значи сето она што се употребуваше во современиот начин на живот. На тој начин добивме одредени производи што ги научивме и усовршивме и што наоѓаат примена на американскиот пазар, објаснува Пачемска.

Со понатамошниот начин на развој преку соработката со агенциите за ракотворби од Холандија и од Германија, Малешевки се вмрежиле и на тој начин успеале да произведат производи што биле барани на пазарот, меѓу кои џемпери, шалови, влечки, шешири, торби и наметки.

-Исто така од остатоците на волната што остануваше при изработката на шешири и влечки, кои на беровски се „клепаци“, по рециклирањето изработувавме и сосема нови производи, таканаречените „овчари” и „овчарки”, украсни предмети што исто така се користат во современиот свет, раскажува Пачемска, додавајќи дека на тој начин жените од Берово успеале да заинтересираат повеќе жени и со помош на мрежата за рурален развој се вмрежиле и почнале соработка со жени од Албанија, Бугарија и други држави, па така посетувале разни саеми во Бугарија, Албанија, Црна Гора, Србија. Јас повеќе ги посетував саемите на ракотворби во Букурешт, Романија, Германија, Холандија, Америка и Италија, додава Пачемска.

Традицијата за изработка на волнени производи ја наследила уште како дете од нејзината мајка и баба.

-Разбојот ми е наследство од баба ми, таа ме учеше уште како дете, за подоцна најмногу одредени финеси да стекнеме со помош на Американската агенција „АРТИСАН”, која успеа да ни овозможи присуство на обучувачи, кои беа неколку пати по два или три дена овде во Берово. Можам да кажам дека соработувавме и со Ерменија за изработка на капи, торби и сѐ друго, а во соработка со жени од Македонија присуствувавме на неколку саеми во Чифте амам, во Арка во Гевгелија во Охрид, Штип и останати градови, при што успеавме да се запознаеме, да се вмрежиме и од одредени жени да научиме нешто, бидејки занаетот се краде, а не се учи. Исто така, преку вмрежување заинтересиравме голем број жени, не само од овој туку и од останатите занаети и такви ги има некаде околу 500 жени, вели Пачемска.

Здружението „Серафим“ редовно учествува на саеми, било да се работи за саеми во Македонија или во соседна Република Бугарија.

-Имавме една обука во Берово, беа три жени од Охрид, две жени од Пробиштип, ние бевме три жени и две жени од Кочани и од Истибања од здружението „Агровинка“, така што, покрај редовното учество на саемот во Берово, учествуваме и на саемот во Струмица и Валандово и се рекламиравме и станавме познати и во повеќето градови во Македонија, а редовно бевме неколку пати и во Бугарија во Ќустендил, Сандански и Струмјани, со што не само што ги рекламиравме нашите производи туку го рекламиравме и градот Берово. Заинтересираноста на странците што го посетуваа Берово за одредени прозиводи исто така беше голема, раскажува претседателката на беровското здружение.

Иако Пачемска имала неколку иницијативи уште од мали нозе да продолжи да се негува традицијата за изработка на волнени производи, сепак во последно време, како што вели таа, се намалил интересот за изработката на ракотворби.

-Јас да ви кажам првата замисла ми беше да обезбедиме еден мал разбој за учество и обука на деца и останатите ученици, со цел да се научи занаетот, бидејки е лесен, меѓутоа иницијативата пропадна. Тука има одредени луѓе кои сакаа на некој начин оваа идеја да се упропасти, вели Пачемска.

Она во што успеале на локален план е зголемување на соработката со жените од Пехчево и Делчево. Моментално акцентот повеќе е ставен на жената фармерка, така што ракотворењето, како што велат од беровското здружение, е занемарено. Сепак, за нив најважно од сѐ бил меракот за ракотворење, а одредената заработка била сатисфакција во зачувувањето на семејството.
Според Пачемска, меракот не е доволен за да продолжи традицијата на негување на изработката на ракотворби. Според неа, треба и државата да има чувство за старите занаети, особено во делот на регулирањето на заработувачката.

-Законската регулатива сѐ уште не е развиена до оној степен да може ги заштити ракотворците, бидејќи ние го негуваме изумирање на старите занаети и согласно некоја регулатива законот треба да ја акцентира нашата работа. Да не дојдеме во ситуација да имаме случаи како што беше примерот со жените во Крушево да бидат оданочени и тие жени кои не се ракотворци. На некој начин во Берово кога е саемот за Богородица „Малешевијата на дланка“ да имаме разбирање да не бидеме оданочени. Меѓутоа, за жал, има жени кои се оданочени, еве конкретно во Скопје, ако немаш фирма, не можеш да работиш, вели Пачемска, која исто така ја нагласи и соработката со хотелите и објектите што нудат услуги во делот на туризмот.

-Порано имаше одредена соработка со одредени хотели, но тоа на некој начин замре најмногу бидејќи цената е минимална, а исто така и вработените на рецепциите во хотелите не се заинтересирани да ги нудат производите, иако странците ги бараат. А порано имаше заинтересирано повеќе странци за нашите производи. Јас ја имав можноста да ме посетат странци благодарение на тоа што три години ги нудев шаловите на Саемот за мода во Милано, при што имаше и заинтересирани новинари на ТВ Милано, кои сакаа да научат нешто повеќе за ракотворењето во Берово. Тоа се одредени моменти што се атрактивни за Берово исто како и производите што се нудат. Што се однесува до шаловите и фигурите што ги изработуваме, најмногу се користат во Германија и во Холандија, најмногу за време на Божик, исто така на американскиот пазар, како подароци за Божик, истакна Пачемска.

Со цел поголемо привлекување и нудење на производите на странците на почетокот Малешевки поседувале и сопствена продавница. Сепак, не отстапуваат и понатаму продолжуваат со соработката и работата на некој начин за да се оствари минимален приход.

Околу обуката на младата популација, како што вели Пачемска, минимална е соработката со воспитно-образовните институции.

-Јас имав на размислување да се реализира еден вид обука на деца од најмала возраст, децата да изработуваат топчиња за играње на мачиња и кучиња, но не наидов на соработка за таа моја идеја во детската градинка. Истото се случи и со текстилните паралелки во гимназијата и во основното образование каде што имавме некои разговори со одговорните на паралелката за лица со посебни потреби, но имавме случаи наставнички да ни речат „донеси ни волна ти, па ќе ги обучуваме децата”. Инаку, се наоѓаа млади луѓе кои можат да се обучуваат и доста добро да изработуваат волнени производи, меѓутоа тоа се интелектуалци кои потоа наоѓаа вработување и тука соработката прекинуваше. Што се однесува до обуката имав случај на обука што се спроведуваше преку Турската амбасада, обука во чии рамки имав за задача да обучувам жени од селото Црник, вкупно 12 жени обучував во Пехчево. Интересно е што преку таа обука тие изработија поубави и поелегатни нови производи благодарение на филц-техниката за изработка на волнени ракотворби. Во последно време имам случаи да обучувам жени преку телефон. Најчесто тоа се жени од Скопје кои останале без работа. Имав случај да обучувам жена стоматолог која беше заинтересирана да изработува филц, исто и професорка по француски која научи да изработува шалови што беа наменети за Франција. Кога ќе се земеа првите пари, заинтересираноста растеше и продолжуваше изработката на производи од волна. Во последно време обучував една жена која остана без работа, инаку агроном инеженер по професија. Ефикасно работи, преку интернет ги пласира производите во Канада, раскажува Пачемска.

За развој на ракотворството најголемиот проблем што е присутен, како што вели Пачемска, е аномалијата во образованието, а тоа е немањето училиштен предмет како што на времето бил предметот Домаќинство од каде што таа научила многу.

-Кога ние учевме основно образование, имавме предмет Домаќинство, предмет преку кој научивме како да шиеме копчиња, како да сечеме со ножички. Ние тогаш ткаевме производи на ќерамида, нешто што скоро го сретнав и во Холандија. Друго што кај нас е недостаток, еве за споредба имав соработка и со шведска агенција, во детските градинки во Шведска децата учат да работат од најмала возраст, тука се првите шиења со игла, сечење со ножички, додека кај нас е голема незаинтересираноста на децата. Значи, мора да почнеме од градинкат. Еве, на пример, јас на моите внуци им давам домашна задача со тоа што учат да работат. Така мојот внук знае да изработи украсен предмет „овчар” или „овчичка” и тоа самостојно со одредени финеси што му се додаваа. Исто така и внуката е заинтересирана, што значи дека кога можат децата, значи секој може. Тука ќе го спомнам и тоа што имав можност преку Американскиот универзитет да ги научам студентите за начинот на изработка на волнени производи преку филц. Три дена демонстрирав изработка на филц и од тие ученици сега имаме студент, поточно девојка која има фирма и изработува, везе, плете и шие, што значи дека сепак тоа е успех и надеж што може да се оствари и продолжи и во иднина, додава на крајот Пачемска.

Жените Малешевки кои низ разните животни околности успеале да опстојат и да го зачуваат семејството се доказ дека традицијата треба да продолжи да се негува. Надеж за тоа, како што вели Пачемска, има во жените ракотворки од здружението „Везилка” во Смојмирово, кои ја продолжуваат традицијата на изработка на производи од волна.

 


 

denar

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close