Група револтирани земјоделци од Ресава и Дабниште, кавадаречко проблемот со фактурите за водарина, за вода што никогаш не ја користеле ќе ја бараат во правосудните органи. За нивниот проблем на неколку наврати се обидувале да им го објаснат на надлежните, но тој уште постои, а постојат и фактури кои постојано доаѓаат до земјоделците. Овој пат одлучиле да се обратат за помош кај јавното обвинителство во Кавадарци.
-Ние се соочуваме со несекојдневен проблем: канал немаме , вода нема а сметки за вода уредно плаќаме на АД Водстопанство подружница Тиквеш во Кавадарци. Имавме средба на повеќе наврати со раководителот и ни беше ветено дека нема повеќе да ни праќаат фактури за плаќање водарина. Бидејќи нема канал, а и тој што постои е во многу лоша состојба, но упорно ни се праќаат фактури и не заплашуваат со извршни дејства. Така наречениот канал е граден на почетокот на педесеттите години во минатиот век и го користел Агрокомбинатот Тиквеш за наводнување на сопствените полиња, до почетокот на деведесеттите години. Но каналот се урива и останува надвор од функција, се вели во дописот до Јавното обвинителство во Кавадарци.
Селаните од селата Ресава и Дабниште со свои средства и човечка работна рака успеаја некако да го поправат и делумно да го пуштат во функција на почетокот на 2000 година.
-Се до 2015год, лозарите го одржуваат и поправаат, но поради намалување на работна рака решија да го известат тогашниот директор на водостопанство , нивни работници да го одржуваат каналот и да наплатуваат воден надомест. Но од нивна страна каналот не се одржуваше и тој уште повеќе се упропасти. А фактури за воден надомест редовно идат, иако за тоа нема претходно склучени договори, велат земјоделците.
Земјоделците се револтирани бидејќи нема канал и нема вода, а плаќаат сметки за воден надомест.
-Сега каналот е надвор од функција и неупотреблив, а надлежните за негово одржување кренаа раце од него, поради тоа што самата поправка била многу голема инвестиција. Фактури за воден надомест упорно пристигнуваат кај дел од земјоделците, што претставува класична злоупотреба на службена должност. Затоа се обраќаме до вас за помош. Ние сме чесен народ и секој е свесен дека не треба да се плаќа за услуга што не е добиена. Се работи за површина од околу 250 – 350 ха. Да напоменеме исто така, овој канал не е во евиденција на подружницата на Водостопанство како објект со кој стопанисува и се одржува , се вели во дописот на група земјоделци од овој крај.
Зелена берза на неколку наврати пишуваше за проблемот со водата со кој се соочуваат жителите од Ресава, Дабниште и Брушани. Пред не цела година стапивме во контакт со пратеникот Панчо Минов во врска со предлог проект за наводнување доставен до Валадата.
Ова е одговорот што тогаш го добил од Влада а тој ни го пренесе:
„Во рамки на инвестиционата програма предложениот проект за водоснабдувачкиот систем Брушани е прифатен, но за оваа година направена е селекција според која овој систем во оваа 2018 година не е планиран. Проектот е прифатен од Владата и ги има сите аргументи во прилог на подносителите , но изградбата останува да се реализира во 2019 година“ рече Минов.
За жал до сега не само што не е почната реализацијата на овој проект, земјоделците наместо вода добиваат само фактури.
Зелена берза стапи во контакт со раководителот на Водостопанство подружница Тиквеш Ристе Манев кој рече дека станува збор за проблем кој навистина постои.
-Станува збор за систем кој е руиниран. Како раководител на оваа подружница, јас го наследив проблемот. Навистина има проблем. Има луѓе кои навистина наводнувале, а не платиле, а ги има и оние кои не наводнувале а добиле големи задолженија. Минатата година водо редарот си замина доброволно, а направил многу задолженија од кои некои се нереални. Во врска со ова имавме средба со земјоделците и им реков да достават колективен приговор. Во тој приговор да се потпишат по што јас ќе го доставам до бордот на директори на АД Водостопанство кои се надлежни да одлучуваат. Јас немам ингеренции да им ги отпишам долговите, изјави раководителот на подружницата Тиквеш Манев.
Незадоволните земјоделци правда ќе бараат во обвинителството, а за нивниот проблем преставка доставија и до Народниот правобранител.
Павлина Јовановска