Контролирано застрелување на дивите свињи и забрана за увоз на свинско месо, се дел од безбедносните мерки што ќе се преземаат за заштита од африканска свинска чума.
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека во Македонија нема африканска свинска чума. Со оглед на тоа што во соседна Бугарија е појавена оваа болест кај свињите , се преземаат сериозни мерки за заштита.
Зоран Атанасов, директор на АХВ, апелира до луѓето кои ќе патуваат надвор од државата, во Македонија да не внесуваат храна од животинско потекло. До одгледувачите на свињи пак, апелира да не ги пуштаат свињите на отворено.
Соработката со останатите иснтитуции во државата, особено царинските служби, се дел од мерките што се преземаат. Забранет е увозот на месо, а се преземаат мерки и за поголема едукација на одгледувачите на свињи.
Болеста не се пренесува на луѓето но е опасна за добитокот. Токму затоа е потпишано решение за контролирано убивање на дивите свињи бидејќи тие се најчест преносител на вирусот. Економските загуби од оваа болест може да бидат многу големи, токму затоа АХВ има подготвено план за итни мерки и оперативен прирачник за справување со африканска чума.
Прв пат африканската свинска чума е забележана во Казахстан во 2007 година. После тоа откриена е и во други држави од Источна Европа.
Одржување на биолошки минимум на дивите свињи
Агенцијата за храна и ветеринарство донесе одлука за масовен лов на дивите свињи и сведување на нивната популација на биолошки минимум на територијата на целата држава како најзначајна превентивна мерка за заштита од африканската свинска чума која се пренесува токму преку дивите свињи а од која под закана е производството на домашно свинско месо. Болеста ја има во цела источна Европа, воопшто не е опасна за човекот но за животните нема вакцина а алармот е вклучен откако и во соседна Бугарија секојдневно се појавуваат нови жаришта во регион кој е на 200 километри воздушна линија од нашата граница. Сликите каде ветеринарите во придружба со полицијата одат од двор во двор а мештаните ги кријат свињите за да не им бидат одземени и убиени бидејќи се во радиусот на жариштето може многу бргу да се преселат и кај нас ако не се спречи ширењето со контрола на популацијата на диви свињи. Со ваква мерка успешно се заштити Хрватска која нареди масовно уништување на 13 илјади диви свињи, а со ваква мерка Чешка успеа за една година да ја искорени болеста од својата територија а Данска гради жичана ограда кон Германија за да спречи влез на диви свињи и пренесување на болеста. За да се превенира ширењето и кај нас дивите свињи ќе се сведат на биолошки минимум.
-Биолошкиот минимум е одреден во секторот за ловство при министерството за земјоделство за секое ловиште во рамките на неговите граници колку треба да биде , рече Зоран Атанасов директорот на агенцијата за храна и ветеринарство
Агенцијата за храна донесе и низа други мерки кои се однесуваат на малите семејни фарми во селските дворови кои се и најподложни на ризикот од зараза, каде се одгледуваат 60% од свињите во земјава. Производството на домашно свинско месо е една од најсветлите точки во македонското земјоделство со годишно производство на месо во вредност од над 100 милиони евра и со вработувања од кои зависат 10 илјади семејства чија егзистенција директно е поврзана со ефикасното спроведување на превентивните мерки.
П.Ј. и З.Б.