Името лаванда (Lavandaangustifolia) потекнува од латинскиот збор lavareшто значи „да се искапиш“. Овој збор објаснува зошто ова медитеранско растение е богато со етерично масло, лавандин, кое претставува основа за многу парфимирани купки и колонски води. Лавандата може да се користи и како украсно растение. За потребите на хортикултурата развиен е вид кој изгледа убаво во саксија. Има примена и во народната медицина, козметиката, како и во вид на зачин во различни јадења. Лавандата потекнува од земјите околу Средоземното море, каде расте на сиромашно, камено тло, како и во сончеви терени.
Успева на голема надморска височина до 1700 метри и во себе содржи од 0,5 до 1,5% етерично масло. Станува збор за зимзелено растение, чии листови и во текот на зимата остануваат зелени. Како развиено растение, може да поднесе и температура од – 20 ͦ С. Има кусо, дрвенесто стебло. Коренот е добро развиен и благодарение на тоа, лавандата, добро поднесува суша.
Цветовите на ова медитеранско растение имаат виолетова боја и можат да бидат во повеќе нијанси. Цвета два пати во текот на годината, со тоа што во текот на другиот дел од периодот развива значително помалку цветови.
Лавандата многу успешно може да се размножува со помош на резници. Се подготвува смеса од три дела тресет и еден дел песок, а не се препорачува друга земја или компост. Гранките кои се подготвуваат, односно резниците би требало да се со должина од 10 до 15 сантиметри и се земаат од горниот дел на растението. Не треба да бидат дрвенести, затоа што тогаш се намалува можноста да се примат.
Пролетта е најдобар период за земање резници, пред почетокот на цветањето. Кога резниците ќе се закопаат во земјата, потребно е добро да се залеат и земјата да се одржува константно влажна. Доколку се размножува со семе, потребни се два месеци тоа да никне. Во првата година, тоа растение од семе, напредува многу бавно.
Садењето на лавандата се врши во април или мај, кога земјиштето добро ќе се загрее. Одгледувањето на лавандата на една парцела, може да потрае и до 20 години. За да задржи компактен изглед лавандата, неопходно е да се врши режење секоја година. Се препорачува режењето да се врши во есен.
За време на собирањето на цветовите, тие се отсекуваат од стеблото во близина на основата. За време на берењето на лавандата, треба да се води сметка, цветовите треба да се собираат во најдобрата фаза на цветање, без оние кои се прецветани и оние кои не се доволно отворени. Од таа причина, бербата се одвива во повеќе фази. Најдобро време од денот кога се собира лавандата е утрото, односно кога нема роса на цветовие и додека не почнала голема жештина.
После бербата потребно е цветовите добро да се измијат за да се отстранат нечистотиите, земјата и инсектите од нив. За домашна употреба тоа може да се направи со потопување во вода и сушење после тоа.
Лавандата има многу широка употреба. Се користи за добивање на етерични масла, за подготовка на чаеви, а исто така и како зачин за подготовка на јадења од риба. Исушените делови од цветовите се додаваат при подготовка на сапун. Лавандата е богата со етарски масла и таниним, содржи фенолна киселина и флавоноиди. Етеричното масло на лавандата се додава во маслата кои се користат за време на масажа, затоа што позитивно влијаат на опуштање на телото. Исто така, треба да се спомене и нејзиното влијание на инсектите, на кои таа делува во свежа или сува состојба. Конкретно, има изразито инсектициден ефект против молци и комарци.