Тутунопроизводителите од сите региони во државава во годината која полека изминува имаа можност подиректно да се запознаат со ефектите од употребата на новиот подобрувач на почва Тераграмин. Во своите активности за промовирање на овој производ, претставници на нашата компанија Скопски Легури директно меѓу земјоделците ги споделуваа искуствата од неговата практична примена пред почетокот на сезоната, истакнувајќи го неговото значење како нова агроеколошка практика, која влијае на подобрувањето на почвените услови, а по неговата апликација и следењето на развојот на тутунот до крајот на бербата во повеќе различни краишта во државата, заедно со тутунарите задоволно можеме да констатираме дека ефектите се видливи и дека употребата на Тераграмин дава позитивни резултати при производството на тутун, култура која е стратешка за нашата држава.
Уште на почетокот на годината ги посетивме сите позначајни региони, каде што се одгледува тутун со акцент на општините Долнени, Кривогаштани, Могила, Новаци, Радовиш, Конче, Лозово итн. Првите тутунари кои употребија Тераграмин во селата Лозово и Милино, планираат и идната година да го користат. Во овие села кај 4 тутунопроизводители беше употребен Тераграмин при подготовка на расад и беа забележани разлики кај третираниот расад во споредба со нетретираниот во смисла на побрзо проникнување, раст и пораст на расадот и неговиот квалитет. Размислуваат следната година исто така да го употребуваат во расадопроизводството, како и директно на нива при подготовката на почвата, пред расадувањето. При производство на расад во самите леи, Тераграмин се додава во количина од 1 кг/м2 и се замешува добро со почвата, со што се подобрува нејзиниот водно-воздушен режим.
Во селата Дамјан и Бучим, во Радовишко, Тераграмин беше употребен на површина од 7 декари, на која што беше аплициран пред садењето на готовиот расад на нива, при подготовката на почвата, во количина од 1 тон на декар, расфрлен со ѓубре-растурач и добро инкорпориран во почвата. Кажувањата на земјоделците се дека на третираните површини тутунот подобро се берел (полесно, поради свежината), за разлика од нетретираниот, кој не бил во толку свежа состојба и морале да го берат во претпладневните часови, самиот лист уште при бербата бил подебел, побрзо стасал за берба, повеќе набрале од третираните ниви, значи имале тутун со поголема тежина. Тутунопроизводителот од село Дамјан видно задоволен ни кажа дека низите што ги берел и мерел се за 50-100 гр. потешки од нетретираните, така што од третираната нива има принос од 20 -30% повеќе во однос на ланскиот, како и за една класа поквалитетен тутун.
Тутунопроизводителите од село Бучим ни ги кажаа истите позитивни резултати кои ги добиле на нивните третирани ниви и веќе прават планови за следната година да истретираат уште неколку површини под тутун, бидејќи во тој крај има малку врнежи и имаат проблем со задржувањето на влажноста во почвата, а со употребата на Тераграмин видливи биле разликите во задржувањето на влажноста во почвата. Без услови за наводнување, а при неповолни климатски услови (сушна година), во Прилепско-Битолскиот регион на повеќе локации во селата Крушеани, Славеј, Ивањевци, Карамани и Логоварди се повторуваа истите коментари на задоволните тутунари од квалитетот на добиениот тутун и зголемената тежина.
Придобивките од употребата на Тераграмин во тутунарството се значајни за производителите и тие се свесни за тоа, присуствуваат на презентациите за производот и се интересираат за искуствата на земјоделците кои веќе активно го користат. Се препорачува тутунарите овој производ да го искористат и при есенското заорување на нивите, да го расфрлат во количина од 1 тон/декар со цел правилно да ја подготват почвата и да овозможат абсорбција на врнежите и падавините од зимскиот период, а пред почетокот на производството на расад за новата сезона, ние повторно ќе бидеме меѓу нив и заедно ќе ја започнеме новата сезона. Сите заинтересирани тутунари кои ќе се пријават кај нас преку Зелена Берза, ќе добијат личен совет за примена на овој иновативен производ.
Зелена берза