Со изменетите критериуми и услови во мерката 115 за активен женски член во земјоделско стопанство во Програмата за финансиска поддршка за рурален развој , која денска ја објавија Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сметаме дека ќе има позитивен ефект за јакнење на руралната жена посебно во подобрување на нејзиниот економски и социјален статус.
Токму со оваа мерка се овозможува развој на земјоделките, посебно во економско јакнење на жените фармери чија примарна дејност им е земјоделството и тие имаат најмногу бодови во самите критериуми, што беше наша заложба. Од друга страна мерката ќе овозможи на жените во руралните средини развој на нивните претприемачки вештини во производство и продажба на преработки од примарни земјоделски култури како што се сирење, мед, слатка, ајвар, мармалади и сличнo. Очекуваме голем интерес од руралните жени бидејќи во изминатиот период имавме и доста јавувања од нивна страна за објава на мерката .
Ваквата поддршка е многу значајна и е прва директна поддршка наменета за жените од руралните средини, бидејќи тие се соочуват со голем број на предизвици, а тоа се социјална исклученост, невработеноста, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционалните норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од право на платено родителско отсуство, ограничени пристапи и понуда на образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат миграцијата. Околу 64% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 47% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејните фарми. Во однос на наследувањето имот, доминантната традиција во руралните средини им дозволува само на мажите да се појават како наследници. Само 5% од жените ретко се појавуваат како носители на имот и земјоделско земјиште.
Она што сакаме да потенцираме дека дефинирањето на критериумите на Мерката 115 е целосна работа и заложба на координативната група за родова еднаквост формирана во Министерството за земјоделство во која покрај нас членуваат и претставници од Мрежата за рурален развој, Миниситерството за земјоделство, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Платежна агенција, Факултет за земјоделски науки и храна и е поддржана од UN Women.
Апелираме дека други мерки, стратeгии и закони треба на ваков начин да се работат во заедничка комуникација и дејствување помеѓу невладиниот сектор и државните институции. Ние како организација за тоа се залагаме и сме поддржани во нашето дејствување од Шведксата развојна организација We Effect.
Сепак ние како организација ќе ја следиме имплеменатацијата на мерката и условите за аплицирање, како и ефектите на мерката врз руралните средини и обезбедување на подобар живот на жените и нивните семејства.
НФФ со поддршка на We Effect во моментот спроведува едукативни трибини (Ресен, Неготино, Гостивар, Кочани, Берово, Богданци и Македонски Брод) во руралните средини во државата за родова еднакавост и човекови права низ призмата на земјоделството и ја промовира мерката 115 oд Програмата за финансиска поддршка за рурален развој пред руралните жени со цел информациите да стигнат навремено до сите земјоделки.
Националната федерација на фармери уште од 2014 година се залага за измена на дискриминаторните критериуми на мерката 115 (во мерката се бараше жената да е во брак да има 1 дете, да е невработена и да живее на надморска височина од 700 метри), кои се изменети на владина седница во пролетниот период оваа година на барање на Министерството за труд и социјална политика и Националната федерација на фармери, така што голема поддршка во самите наши активности и дејствување имаме од Шведската организација за развој We Effect.
Националната федерација на фармери уште еднаш ги потенцира препораките на Обединетите нации, каде што е истакнато дека руралните жени мора да бидат вклучени во процесите на донесување на одлуките на сите нивоа во земјоделскиот сектор и руралните средини и во креирањето на земјоделските политики и политиките за рурален развој. Само на ваков начин руралната жена ќе биде видлива во општеството и ќе може да одговори на предизвиците што ја очекуваaт и со кои се соочуваат.
НФФ