fbpx
ВестиТоп вести

Консолидацијата ќе донесе поголеми приноси и помали трошоци

Консолидацијата на земјоделското земјиште ќе придонесе за зголемување на приносите, поголем профит, намалување на трошоците на производство. Во Македонија има многу ситни парцели кои ги прават поскапи домашните земјоделски производи во однос на оние од соседните земји. Токму затоа земјоделците преку окрупнување на земјиштето гледаат можност за значително намалување на производствените трошоците.

konsolidacijata kje donese pogolemi prinosi i pomali troshoci

 

Консолидација, односно окрупнување на земјоделското земјиште значи подобра и поефикасна обработка на земјиштето, поголем принос и поголема конкурентност. Во Македонија скоро 80 проценти од земјоделското земјиште е приватно, а малите и расцепкани парцели создаваат повисоки трошоци и се проблем за земјоделците.

Високите трошоци што се создаваат најмногу поради расцепканоста на земјоделските површини ги прават поскапи домашните земјоделски производи во однос на оние од соседните земји. Токму затоа земјоделците преку окрупнување на земјиштето гледаат можноста за значително намалување на производствените трошоците. Во прилог на оваа мерка и проектот што Владата го најави за окрупнување со низа поволности што ќе ги добијат земјоделците се и донесените закони за земјоделско земјиште со кој се ограничува ситнењето на обработливото земјиште и за консолидација на земјоделското земјиште затоа што македонската просечна големина на земјоделските стопанства која изнесува до 2,8 хектари и просечната големина на катастарските парцели која е до 0,5 хектари се далеку под просечните големини во земјите на ЕУ.

-Консолидацијата на земјоделското земјиште ќе придонесе за зголемување на приносите, поголем профит, намалување на трошоците на производство. Во Македонија има многу ситни парцели, само меѓите да се тргнат ќе се добијат поголеми обработливи површини. Ситните парцели значат поголеми трошоци и помала конкурентност на домашните земјоделски производи, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората при ССК.

Според него, процесот на консолидација на земјоделското земјиште е долгорочен процес, но мора да почне да се спроведува. Големата расцепканост на посевите е причина за неможност за обработка на земјиштето, примена на механизација и агротехнички мерки, непристапност до патиштата, обезбедување вода. Агробизнис комората ја поздравува оваа мерка и смета дека ќе биде од голема корист како за земјоделците, така и за државата. За консолидација на земјоделското земјиште, Македонија преку ИПА-програмата 2015-2017 година има на располагање пет милиони евра.

Голем број земјоделци се заинтересирани да се вклучат во процесот на окрупнување на земјиштето, кое ќе се спроведува на доброволна основа.

– Ќе се воспостави модел што ќе ги привлече земјоделците да се вклучат во постапката за консолидација иако теренското истражување покажа дека и онака интересот е голем. Консолидираните реони планираме финансиски да ги поддржиме од Програмата за рурален развој, во некои места каде што тоа е потребно ќе се изгради соодветна инфраструктура, пристапни полски патишта до новоформираните парцели и канали за одводнување, изјави заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски,

За ефикасно спроведување на консолидацијата, донесени се и законски измени.

Досегашната примена на Законот за консолидација покажа одредени технички проблеми. Целта на измените е нивно надминување и пред се создавање услови за поефикасна и потранспарентна постапка за консолидација, подвлече заменик-министерот. Законот за консолидација беше донесен во 2013 година, а анкетирањето на заинтересираните земјоделци и вградувањето на нивните идеи, потреби и барања се спроведува од лани. Досегашните активности се поддржани со техничка и експертска помош од Светската организација за храна ФАО. До крајот на годинава се очекува консолидацијата да се прошири и во другите региони во државава.

Од ресорното министерство најавија дека со мерката за окрупнување на земјоделското земјиште, ќе се овозможи искористување на напуштени и необработливи површини.

За дваесет години треба да се окрупнат вкупно 100.000 хектари земјоделско земјиште, а најголем дел од овие површини ќе се окрупнуваат преку формирањето на земјоделските задруги.

На иницијатива на земјоделците, во село Егри, Битолско, веќе започна консолидација на вкупно 360 хектари – парцели во сопственост на 214 производители со што ќе се создаде комплетно нов катастарски план, додека во општина Конче се работи на окрупнување на површините со размена на приватни парцели.

Неделава беше најавено и окрупнувањето на земјоделското земјиште на оризовите полиња во Кочани.

Од МЗШВ информираат дека се работи за окрупнување на 400 хектари земјоделско земјиште за која намена на располагање имаат три милиони евра од ИПА-програмата со што наскоро ќе почнеме со реализација на проектот.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close