Топлите леи за расад се прават надземни и вкопани. Надземни леи се прават во
вид на сандак и тунели. Сандак се прави од штици широки 20 – 30 см, а дебели 3-4 см.
Должината зависи од потребите. Сандакот се прави со косина, така што од северната
страна треба да биде повисок, а од јужната понизок за подобро осончување на леата.
Сандакот се покрива со стакло или нов полиетиленски најлон.
Леите во тунел се прават директно на земја. Овие надземни леи се припремаат на
оние површини каде има високи подземни води и кога има поголеми количини
биотопливо. Вкопани леи се прават кога имаме малку биотопливо. Се копа трап широк 1,5
м долг 4-12 м и длабок 0,5 м. Меѓу траповите се остава патека 60-70 см. За да се
припреми една леа за расад, претходно треба да има подготвено биотопливо и
градинарска земја кои се припремаат на следниот начин:
Припрема на биотопливо за расад
Биотопливото се припрема од арско ѓубриво од крупниот добиток, од отпадоци на
индустриски култури, како што се сончогледот и тутунот. Најдобро арско ѓубриво кое
ослободува најмногу енергија е коњското ѓубриво. Тоа во наши услови го има во многу
мали количини. Најмногу го има говедското ѓубриво кое се користи свежо, нерастворено,
со самото чистење на шталата. На ова ѓубриво му се додава слама или пилевина или
суви лисја. Овие отпадоци ги врзуваат течните материи од арското ѓубриво.
Арското ѓубриво кое ќе се припрема за биотопливо се носи во близина на местото
каде што ќе се подига леата за расад. Свежото шталско ѓубриво се става на куп висок 1,5
м, со ширина 2,5-3 м. По 7-10 дена почнува процесот на согорување, тогаш почнува да
испарува (да чади) и се ослободува топлина. Се меша 1-2 пати со цел да се
хомогенизира процесот на ферментација.
Кога го поставуваме купот со арско ѓубриво, доколку има врнежи од дожд или снег,
купот се покрива со најлон за да не дојде до навлажнување на биотопливото, поради што
би се стопирал процесот на согорување со кое се ослободува топлина. Може да се случи
биотопливото да се излади и да престане процесот на согорување. Во ваков случај, на
ѓубривото му се додава топла вода или во основата на купот со ѓубриво се става
негасена вар која го затоплува ѓубривото. Биотопливото не треба да биде многу влажно,
кога ќе се притисне со дланка не треба да пушта вода. Биотопливото кога е загреано се
реди во леата во слој од 40-45 см и лесно се набива за да се истисне воздухот и да почне
процес на анаеробна ферментација. По 2-3 дена температурата се стабилизира на 25°С.
Потоа се реди градинарска почва во слој 10-15 см.
Припрема на градинарска земја за расад
Градинарска земја за во леата за расад се припрема во однос 1:1 од прегорено
арско ѓубриво (да биде ситно пресеано и без присуство на паразити) и земја богата со
хранливи материи, на која претходната година не биле засадени градинарски култури,
или земја од површини со многугодишни треви. Доколку земјата е тврда се додава тресет
или песок. Сето заедно добро се промешува за да се добие ровка земја. Вака
припремената градинарска земја треба да се дезинфицира. Целта на тоа е да се сузбијат
штетните паразитски габи, вируси, бактерии, разни нематоди (црви) и плевелни семиња.
Многу од нив се наоѓаат во подлабоките слоеви од почвата и тоа во разни форми на
презимување. Од ефикасно изведената дезинфекција зависи колку брзо повторно ќе се
појават овие штетници. Обично дезинфекцијата се изведува меѓу два циклуси на
производство и при тоа во смена се користи водена пареа и фумиганти.
Извор:АПРЗ