fbpx
ВестиТоп вести

Бисерка (AMANITA RUBESCENS)

Едукација Самоникли габи во Македонија

Бисерката е честа печурка која може да се сретне во сите типови на шуми и тоа во периодот од втората половина на мај, до првата половина на октомври. Расте поединечно или во група. Често се наоѓа и во периоди кога другите врсти отсуствуваат или тешко се наоѓаат, поради климатските услови кои во тој момент владеат. Забележителна е од далеку со својата месна шапка и крем нијанса прошарена со црвени фрагменти. Шапката во почетокот додека печурката е се  уште млада има топчеста форма, која со тек на времето преминува во  форма на чинија. Нараснува со дијаметар од 5-18 см. Кожичката лесно се отстранува. Шапката е прошарена со брадавичести остатоци од поранешната обвивка. При долготрајни дождови тие можат да бидат испрани од дождот и да отсуствуваат.

Ливчињата се густи, со бела боја кои на притисок лесно поцрвенуваат. Струкчето е високо од 10-20 см, белузлаво со црвени и лилави тонови особено на дното. На притисок  тоа исто така  поцрвенува. На неговата горната половина се наоѓа венче со ист колорит. Доколку се вкуси месото од оваа печурка сирово, тоа има пријатен вкус и неодреден мирис.

Во поглед на јадливост оваа печурка се категоризира како условно јадлива. Ако се користи недоволно термички обработена таа е лесно отровна, бидејќи го содржи термолабилниот отров хемолизин кој на температура од околу 70 степени целзиусови се распаѓа. Овој отров е најзастапен во кожичката на шапката и затоа е препорачливо таа да се отстрани. Кога e правилно приготвена таа е многу вкусна печурка.

Најслична по изгледот на Бисерката е Пантерката (Amanita pantherina) која што е  категоризирана како смртоносно отровна печурка. Покрај другите морфолошки разлики највпечатливо е дека работ на шапката на Пантерката е наребрен, додека кај Бисерката е мазен. Исто така кај Бисерката месото под кожичката на шапката е розова до црвеникава, додека кај Пантерката е бело со мало затемнување на темето. Струкчето исто така има крем-црвена до виолетова нијанса додека кај Пантерката е бело. Оваа габа е честа мета на црви кои го разјадуваат нејзиното тело. Во таков случај таа не треба да се собира за консумирање. Најдобро е да се собираат млади плодни тела, но кај нив опасноста од замена со Пантерката е многу поголема. Поради сличноста со Пантерката и поради тоа што некои автори пред се во минатото тврдеа дека постои и лажна Бисерка (Amanita pseudorubеscens), која што по морфолошките карактеристики е скоро иста со Бисерката, но е смртоносно отровна, Бисерката во нашата држава не се консумира освен во ретки случаи од страна на поединци.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Слични написи

Back to top button
Close