Производителите на зелка извисија, помпезно најавуваната субвенција од три денари ќе се исплаќа следната година
Иако најавувана како мерка која ќе им помогне на производители на зелка да ја пребродат кризата со ниските откупни цени, сепак исплатата на трите денари предвидена за во текот на 2021 година.
Разочарани се производителите на зелка од Струмичко откако дефинитивно се огласи платежната агенција со став дека пријавувањето на кантарните белешки за субвенцијата од три денари за зелката ќе трае до 25 декември 2020 година. Ова значи дека исплатата на оваа мерка која земјоделците ја очекуваа како интервентна сепак ќе биде некаде кон средината на следната година. Земјоделците бараа и укажуваа дека производната цена на зелката без вклучено работна рака е 10 денари по килограм и дека со катастрофално ниските откупни цени кои им ги приредија трговците во нивната трка кој да фати пазар конкурирајќи си меѓу себе кој да понуди пониска цена достигнувајќи до 5 денари за килограм а последните денови дури и по 4 денари, само ги поткрепи ставовите дека ако сака државата да помогне земјоделците да ја пребродат кризата субвенцијата треба да изнесува 5 денари. Но наместо 5 денари како интервентна мерка со брза исплата од најмногу 45 дена, тие добија од власта 3 денари и исплата на која ќе треба да почекаат година дена па и повеќе односно до крајот на јули 2021 година ако се тече според планот за исплата на субвенциите следната година. Земјоделците ова го толкуваат како залажување и замајување од власта.
-Овие три денари со кои се фали министерството дека ни ги дале како субвенција се прво многу малку и не ја покриваат загубата која ја имаат производителите и се само колку да не заќути власта и да каже дека еве нешто ви дадовме а всушност сега кога се објави дека пријавувањето е до крајот на годината гледаме дека планираат исплатата да биде до почетокот на август. Нас сега ни е потребно финансиско освежување за да можеме во оваа корона криза кога е важно да имаме сопствено производство на храна да продолжиме да инвестираме и да произведуваме зеленчук и за свежа потрошувачка но и доволно суровина за конзервните фабрики кои треба да извезуваат и да донесат девизи за државата. Нашето барање беше до 5 мај да биде рокот за предавање на белешките. За месец дена односно до 5 јуни да се обработеа од платежната и до 15 јуни да имаше исплата а добивме понижувачки 3 денари и исплата следната година што е жално и ќе нема никаков ефект , рече Драги Памуков од земјоделската задруга Вегефреш од Куклиш Стримица.
Заврши рокот, односно од 5 април до 5 мај сите оние кои предале зелка ќе може со белешките да поднесат барање за субвенција која иако беше најавувана како мерка која ќе ги намали загубите на производителите помеѓу производната и драстично ниската откупна цена сепак се сведе само на субвенција која покрива многу мал дел и уште полошо исплатата е одложена за следната година. Според грубите проценки со оваа мерка нема да бидат опфатени уште околу 5 до 10 илјади тони зелка кои се уште ја има по нивите само во струмичкото поле. Единствената фабрика која и во корона кризата работи наместо да добие поддршка за да не зависиме за храна од увоз која ќе биде и поскапа, за која ќе се одлеваат девизи и која ќе биде помалку свежа и по неквалитетна од нашата останува се по настрана од економските политики за реална поддршка.
Освен градинарите со зелката и сточарите извисија со поддршката откако заради корона кризата беа уценувани со ниски откупни цени за јагнето. Сега кога најмногу им се потребни никако да ги добијат субвенциите од по 400 денари за задржано женско јагне од лани а наместо брзи мерки и тие добија зголемени субвенции за кои ќе треба да инвестираат цела година за да издржат до догодина за кога е планирана исплатата и на овие субвенции.
З.Б.