Морковите се мијат во мешалка за бетон, а тетовското гравче понекогаш расте во Киргистан
Скапо платеното младо тетовско гравче може да е растено на нива во Киргистан, сочниот скопски јабучар да е набран од бавча во некое албанско село, а бучимскиот кромид да потекнува од Хрватска. На зелените пазари низ државата, каде денеска е вистинска реткост на тезгите да продаваат производителите, најчесто се нуди мачка во вреќа.
Овошјето и зеленчукот, и воопшто непакуваната стока, со мали исклучоци, за купувачите е со непознато потекло и во големите маркети, па ако некој инсистира на тоа да знае каде е произведен кромидот, гравот или компирот, исто како и на пазар, ќе мора да му верува на збор на продавачот.
Така, една сопјанка раскажува дека во еден голем маркет ја информирале дека гравот што сакала да го купи е од Киргистан, но за истиот грав во друг продажен објект на маркетот и рекле дека е од Србија. Кога изреагирала и дале збунувачки одговор дека можеби е од Киргистан, но увезен преку Србија.
-На Зелено пазарче купив компир и мислев дека е беровски, зашто на тезгата така пишуваше. Следниот ден на истата тезга покрај истиот компир пишуваше дека е паланечки, вели една друга скопјанка.
Трета пак раскажува дека неодамна, кога била во Црна Гора во некој маркет забележала дека под секој производ што се продава на мерење пишува од каде потекнува. Така, гравот бил од Канада, а сливата од Грција. Таа се прашува зошто и кај нас не е така, зашто, како што вели, во крајна линија, потеклото на производот на некој начин ја оправдува цената, а зборува и за неговиот квалитет. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека и ние имаме регулатива за означување на производите.
– Производите што се мерат и пакуваат непосредно пред купувачот во таканаречена рефусна состојба, согласно Правилникот за информации поврзани со храна, потребно е да имаат означување на групното пакување и истото треба да е видливо за потрошувачот, посочуваат од АХВ.
Наспроти ова, означувањето на производите во рефусна состојба е ретко, па потрошувачите најчесто се потпираат на информациите што им ги даваат продавачите. Додека во големите маркети тие можеби не се добро информирани за потеклото на десетиците производи за кои ги прашуваат, пазарџиите добро знаат што имаат на тезга, но манупулираат со муштериите и секогаш велат дека продаваат исклучиво домашно и свежо, зашто се сигурни дека никој ништо не им може. Дека зелените пазари се малку подалеку од регулативата укажуваат и од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
– Сметам дека зелените пазари не се под толку голема контрола како големите синџири супермаркети, кои земаат се поголем удел во продажбата на овие производ. Тоа не значи дека квалитетот на нашите земјоделски производи не е добар, па затоа граѓаните треба да прашуваат и колку што можат да дознаат. Меѓутоа, треба да се направи контрола и на овие производи, вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ.
Кога состојбите се такви, што од каде е и какво е, на пазарите може да дознаете ако сте упорни и се распрашувате од тезга на тезга, а „најрелевантни“ информации ќе ви дадат раскараните тезгаџии.
Така, кога го прашавме соседот на продавачот на Зеленото пазарче кој убедуваше жена да купи од неговиот бучимски кромид, дознавме дека тој всушност не продава македонски, туку кромид увезен од Хрватска. Дека не е наш може да се препознае по тоа што има малку поинаков облик, поинтензивна боја на лушпата и е потврд. Слични информации добивме и за кајсиите, зелката, празот и уште за неколку производи, за кои продавачите се колнеа дека се македонски. Но, при нашето истражување на пазарите, продавачите ни открија и некои пострашни тајни.
– Морковите што јас ги продавам се неугледни и затоа се евтини, ама за разлика од другите се вкусни и здрави. Нема да ви скапат во фрижидер цел месец, зашто се рачно миени. Оние другите, што се и двојно поскапи, ги мијат во мешалка за бетон и затоа за неколку дена скапуваат. Истото го прават и со компирот, цвеклото и сличниот зеленчук, ни рече една бабичка која на пазарчето со години секое утро доаѓа од едно скопско село и продава свои производи.
Таа тврди дека мешалката за бетон што се користи за миење на зеленчукот од калта не е нова, купена само за таа намена, туку претходно е користена на градилиште. Но, вакви информации во АХВ немаат и тврдат дека храната што ја купуваме, вклучувајќи ја и непакуваната е безбедна, зашто е постојано под контрола. И од ОПМ информираат дека кај нив потрошувачите многу ретко се жалат на безбедноста на храната, веројатно поради тоа што таа го поминува првиот филтер на царината, при увозот, а потоа ја контролираат и надлежните инспекциски органи.
– Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат континуирани контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, вклучително и на пратките кои се увезуваат во Република Македонија. Се контролираат магацини за чување на овошјето и зеленчукот, дистрибутивните центри, како и преработувачките капацитети, велат од АХВ и додаваат дека дополнително, прометот со овошје и зеленчук се контролира и во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овошје и зеленчук и преработки од нив.
Оттаму информираат и дека покрај редовните инспекциски контроли, согласно препораките на Европската Унија за мониторирање на штетните агенси во храната,а со цел производство, промет ипуштање на безбедна храна на пазарот и заштита на потрошувачите, почнувајќи од 2012 година ја спроведуваат Програмата за мониторинг на безбедноста на храната.
Целта на оваа Програма, која е усогласена со европските програми за мониторинг и препораките на Светската здравствена организација е одредување на евентуално присуство и на концентрациите на контаминентите во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот.
– Услов за безбедност на овошјето и зеленчукот кој се продава во специјализираните и мешовитите продавници за овошје и зеленчук е исполнувањето на стандардите за добра производствена и добра хигиенска пракса, но пред се добрата манипулација на овошјето и зеленчукот од самите потрошувачи што подразбира соодветно чување и адекватно миење, а по потреба и термичка обработка пред консумацијата, посочуваат од АХВ.
Од досегашните испитувања, тврдат, не се добиени позитивни резултати кои укажуваат на отстапувања во однос на безбедноста и додаваат дека доколку во промет се затекне небезбеден производ, треба да се повлече од продажба, а одговорните лица, согласно позитивните законски прописи ќе сносат одговорност.