fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонија

Дневната евтина струја се враќа од 1 декември

Ќе има промени во цената на струјата за граѓаните од 1 јули до 31 декември. За првите два блока таа ќе биде пониска, а за повисоките два ќе се зголеми

Дневната тарифа на евтината струја се враќа од 1 декември, објави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски. Таа ќе биде од 13 до 15 часот.

Во наредниот период ќе почне промената на броилата. Бислимоски верува дека тоа ќе може да се направи во наредните пет месеци, иако претходно беше најавено дека ќе биде потребна една година за рачно да се подесат броилата, поради воведувањето на блок тарифите. Но бил постигнат договор процесот да се забрза и граѓаните во зимата да може да користат поевтина струја.

„Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот“, рече Бислимоски.

Ќе има промени во цената на струјата која граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јули до 31 декември годинава. За првите два блока таа ќе биде пониска, а за повисоките два блока ќе се зголеми.

„Вкупната цена во првиот блок се намалува за 7,04 отсто, во вториот блок се намалува за 4,09 отсто, додека во третиот блок цената се зголемува за 2,54 отсто, а во четвртиот блок се зголемува за 2,42 отсто. Цената во евтината тарифа останува иста. Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и мрежарина за 4,26%, а од декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следи линеарно намалување за 5% на сметките“, рече Бислимоски.

Овие цени се без пресметан ДДВ, објасни претседателот на РКЕ. „Во апсолутен износ ДДВ-то ќе значи зголемување на цената на струјата е 7,4%“, рече тој. Поради зголеменото ДДВ вкупниот трошок е зголемен за 2,5%.

Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога цената на струјата се зголеми за 9,48 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта – од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close