Земјоделието ни e спасот од економската криза!
Во Македонија се жнее житото, се берат градинарски култури, овошки, лозарите и јаболко-производителите напорно работат пред бербите на јаболка и грозје наесен, оризот е посеан, сончогледот, гравот...месо и млечни производи има доволно. Македонија нема да остане без храна, а граѓаните нема причина да бидат загрижени, барем не во следната година!
Земјоделието е поотпорно на рецесијата од сите други стопански гранки, барем вака покажа искуството од светската економска криза од 2008 година. По оваа криза, години по ред страдаа трговијата, автомобилската индустрија, градежништвото, пазарот со недвижнини, туризмот…ама не и земјоделието, и не во таков обем.
Земјоделието во тие тешки моменти и покрај тоа што имаше пониска заработка успеа во производството и преработката на храна да згрижи голем дел од работната сила која остана без ангажман од другите сектори. Оваа слика што светот ја помина пред 12 години, по се изгледа не очекува и по оваа корона криза.
Земјоделието и производството на храна сега наликуваат како спасители од кризата, како на светската, така и македонската економија.
Во првите денови од пандемијата сите сме сведоци како за час во маркетите се празнеа полиците со брашно, масло, шеќер, ориз, квасец. Се бараше грав, леќа, тестенини, млеко и млечни производи, месо и преработки на месо, па дури и тоалетна хартија…
Но, граѓаните увидоа дека храна има, залихи има, па стравот и паниката од недостиг на прехранбени производи спласна.
Власта силно апелираше, производството на храна мора да продолжи, полицискиот час не важи за земјоделците.
Сега четири месеци подоцна, во Македонија се жнее житото, се берат градинарски култури, овошки, лозарите и јаболко-производителите напорно работат пред бербите на јаболка и грозје наесен, оризот е посеан, сончогледот, гравот…месо и млечни производи има доволно. Македонија нема да остане без храна, а граѓаните нема причина да бидат загрижени, барем не во следната година!
Факт е дека корона кризата нанесе и тешки удари врз македонскиот аграр, пред се врз сточарството, врз извозот на македонското јагне (драматично ниски откупни цени од само 90 денари за килограм јагне жива мера), но и врз сите извозно ориентирани земјоделски гранки.
Во исто време поради забавениот меѓународен транспорт, увозот на производи од кои сме зависни како држава придонесоа за покачување на цените, а со тоа и удар врз џебот на граѓаните.
Јасно е дека оваа криза не може во целост да се предвиди, но искуството не научи да веруваме дека земјоделието и прехранбената индустрија иако не нудат висока заработувачка, сепак нудат стабилност и доверба како сектор со долгорочна перспектива.
Затоа државата и меѓународните институции неопходно е да го помогнат македонското земјоделието со повеќе финансиски средства. Економските мерки на владата за земјоделците и поволните кредити мора да дадат резултати.
А, сите ние заедно, како граѓани, треба да размислиме како да им помогнеме на земјоделците, како да им возвратиме за неуморната работа на поле во време на корона кризата, особено кога овоштарите, градинарите, лозарите… ќе го собираат родот во недостиг на сезонски работници без здравствена заштита.
Христина Фуна