fbpx
Вести

Житото, наместо на продажба, на чување во силоси додека не се добие повисока цена

Жетвата во најголемата житница во Македонија е во ек.  Жегата стега, а топлото време како под сач ги приклештило нивите. Kомбајните бревтаат и низ равницата од утро до мрак, а земјоделците го збираат родот. Задоволството им се чита на лицата, не паметат кога друг пат собрале по пет тони жито од хектар. Но, родот покрај радост им носи и големи грижи за пласманот и откупната цена.

zhitoto namesto na prodazhba na chuvanje vo silosi dodeka ne se dobie povisoka cena

 

– Род има планини од жито да направиме, но никој од земјоделците не го продава поради ниските цени. Некои од мелничарите, ако до лани даваа 9 денари за килограм жито со отплата задоцнета до три месеци, годинава нудат 8 денари, а плаќањето бараат да биде одложено на шест месеци. За нас тоа не е прифатливо и сега со жито се полнат силосите и амбарите, не го продаваме – вели Тоде Лазаревски, еден од поголемите производители на жито од пелагониското село Ивањевци.

Субвенции за чување на пченицата

Трактори полни жито секојдневно се упатуваат кон силосите на „Жито Прилеп“ и во селото Единаковци. Таму житото ќе го остават на чување додека не добијат повисока продажна цена. Државата за да им помогне на земјоделците да не го продадат богатиот род по ниски цени ќе им го субвенционира складирањето на житото дури до шест месеци. Така ќе можат да го продадат половина година подоцна кога и цената ќе биде повисока. Државата ќе им плаќа по 60 денари од тон за чување во силосите од два до шест месеци.

– Складирањето на житото е многу важна мерка за нас зашто повеќето од земјоделците нема каде да го чуваат родот. Пред две години не беа отворени стоковите резерви и немаше каде да го чуваме родот, па моравме да го продадеме и по ниски цени од седум и осум денари – додава Лазаревски.

За земјоделците откупната цена што се нуди во моментов е неприфатлива. Велат дека мелничарите нудат пониска цена и од 9 денари колку што го набавуваат житото од Србија.

– Таму го плаќаат однапред, а тука сакаат да биде плаќањето одложено на девет месеци. Цената што ја нудат е пониска од производната. Нудат осум денари, а производната цена за килограм жито е десет денари – додаваат земјоделците.

Нивните надежи ги подгреа министерот за земјоделство Михаил Цветков кој при неодамнешната посета на Пелагонија најави помош од државата доколку продажната цена биде пониска од производната.

– На средбите што ги имавме со претставници од министерството ни беше најавено дека државата ќе дава по два денари за килограм за да не останеме со празни џебови – додава Лазаревски.

Рекорден род

Според она што министерот Цветков го изјави во Пелагонија, годинава од полињата во Македонија ќе се соберат 300.000 тони пченица, што е рекорд за последните десет години.

– Оваа година во Македонија се очекува рекорден принос на пченица, од засеаните 80.000 хектари да се добијат 300.000 тони пченица. Тоа ќе биде доволно за откупувачките капацитети или мелниците што преработуваат 270.000 тони пченица. Досега увезуваме годишно околу 120.000 тони од Србија, а останатото беше од македонско производство – рече министерот.

Дел од мелничарите велат дека цената на житото е пазарна категорија и се формира според побарувачката и понудата на пазарот со жито. Во зависност од цената одлучуваат дали житото ќе го набават од домашното производство или ќе го увезат од Србија. Велат дека и таму годинава има богат род, па очекуваат тамошните земјоделци по поевтини цени да го понудат родот на пазарот.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close