Зголемена побарувачка на мед во време на корона криза
Со појавата на пандемијата со Ковид 19 се забележува зголемена побарувачка на мед и останати пчелини производи, велат пчеларите. Сепак како и кај останатите бизниси и во оваа област кризата се чувствува, а последиците допрва ќе се гледаат.
Зголемена побарувачка на мед и останати пчелни производи бележат пчеларите во државата. Ова се должи на нутритивните карактеристики на пчелините производи и нивното влијание за подигнување на имунитетот на човекот по природен пат. Се бара мед повеќе, но годината не им беше многу наклонета на пчеларите. Оваа сезона ја сметаат за релативно послаба од ланската.
-Функционираме некако и за време на корона криза. Имаме зголемена побарувачка на мед. Покрај медот луѓето почнуваат да ги бараат и оние миксови на мед со полен, мед со прополис итн. Природниот мед има големо антиоксидативно дејство, заради присуството на флавоноиди, и влијае на подобрување на имунолошкиот систем кај човекот. На ова обрнуваат внимание и здравствените работници, затоа што само добар имунолошкиот систем може да се спротивстави на вирусите, вели Нацо Јовчевски еден од сопствениците на Пчеларник БН Дихово. Од друга страна пак заради кризата и затворените граници, откажани се 90% од аранжманите за апи туризам. За овој вид туризам најзаинтересирани се странците, но за жал оваа сезона ќе ги нема, додава Јовчевски.
Влијанието на климатските промени е големо, а тоа пчеларите најмногу го чувствуваат по количеството произведен мед. Вообичаено месец мај и јуни треба да бидат најдобрите месеци во пчеларството. Но дали тоа е навистина така?
-Заради неповолните временски прилики пчеларите беа приморани да ги прихрануваат пчелните семејства во сандаците. Во месец мај и јуни кога има најмногу вегетација, временските прилики не беа поволни за паша. Се надеваме дека крајот на месец јули и август ќе бидат подобри, па пчелите ќе може да соберат доволно мед за нив, а да остане и нешто за нас, вели Менде Трајковски претседател на Сојуз на пчеларски здруженија.
Заради корона кризата многу настани им останале нереализирани и многу саеми не посетени. Затворените граници, како што вели Трајковски, им создаваат проблеми околу набавка на препарати и други заштитни средства потребни околу пчеларењето. Во целата работа позитивно е што до сега не е регистриран ниту еден пчелар заболен од Ковид 19. Смета дека самата работа на пчеларникот, вдишувањето на полен како и честите убоди од пчелите се најзаслужни за тоа.
Павлина Јовановска