Субвенцијата од три денари за индустриското да важи до Јуни – бараат преспанските јаболкари

(Oвој напис е објавен на: February 8, 2019)

Преспанските  јаболко производители бараат од Влада субвенцијата од три денари која што беше интервентна мерка за да се откупат и преработат јаболката кои имаа оштетувања од градот како индустриски, да важи до Јуни. Ова нивно барање е затоа што имаат магацини полни со јаболка до таван а пласманот е проблематичен. Стравуваат дека со затоплувањето на времето ќе почне доста од родот да го губи својот квалитет па затоа сметаат дека со продолжувањето на мерката може многу да им се помогне на овоштарите да не тонат во загуби туку да може некако да ја преживеат оваа петта последователно лоша година проследена со проблеми со квалитетот, намалениот род или проблематичниот пласман со ниски цени. Проценките на преспанските јаболкари се дека по складишните капацитети низ цела преспа има огромни залихи на конзумно јаболко кои се движат од 100 илјади до 120 илјади тони, што е како што велат, како на почеток на една нормална родна година. Годинава беше енормно родна но и проследена со оштетувања од град. Со помош на мерката од 3 денари за индустриското се собраа нешто помалку од 40 илјади тони иако по насадите низ преспа може да се забележи дека и со субвенцијата сепак има доста не обрани јаболка кои не се само индустриски туку остана и конзумно не обрано кое сега скапува по земја. Откупната цена на индустриското јаболко е еден денар но со трошок за вреќи и транспорт произлегува дека и од субвенцијата ќе треба дел да се даде за да се покрие разликата. Огромни количини останаа не обрани и заради недостиг на амбалажа и магацински капацитети.

-Јас долги години се занимавам со производство на јаболка. Уште кога фати невремето реков дека ќе имаме проблем и со  пласманот на конзумното јаболко. Секогаш кога има оштетувања од невреме и имаме лош квалитет и конзумното јаболко колку и да има добар квалитет има лоша цена.  Знаејќи дека низ цела Европа родот беше енормно голем оваа сезона и дека многу тешко ќе се пласира јаболкото на сите пазари мораше со време да се изнаоѓаат начини. Затоа ние бараме помош од Владата и средба со премиерот да му ги презентираме нашите предлози, рече Менде Ивановски производител на јаболка од Ресен и член на работа групата на јаболко производители.

Состојбата со преполните магацини ја знаат и трговците. Тие знаат и дека преспанските овоштари веќе петта година по ред се со проблеми, задолжени се по аптеки за препарати, стигнуваат и рати за кредити за отплата и ги уценуваат со цени кои се далеку под реалните и не ги покриваат ниту трошоците за производство. Моменталната просечна откупна цена во Преспа е 5 до 6 денари што е погубно и потценувачки.

Со насад од 2 хектари под јаболка и преполни магацини се соочува и Блерим Бесими од преспанското село Горна Бела Црква. Годинава ја оцени како многу мачна проследена со проблеми со невремето кое оштети 50% од родот а потоа и со пласманот на конзумното кое полека со затоплувањето на времето им скапува пред очи а нема пласман.

-Невремето го оштети половина од родот. За индустриско нешто дадовме но сега конзумното стои по магацините а до кога ќе зависи најмногу пак од времето. Бараме државата да ни помогне со продолжување на интервентната мерка со три денари да се субвенционира и она јаболко кое ќе се предаде како индустриско до јуни за да може да ја пребродиме некако оваа тешка година за сите овоштари во овој крај. Во моето село сите имаат вака магацини со јаболка полни со гајби до таван и бараме чаре за она јаболко кое не може да издржи додека да се отворат некакви пазари, нагласи Бесими.

Годинава велат многу малку има јаболка со екстра квалитет што би можеле да се извезат на Рускиот пазар. Долгорочно гледано за да се задржат и младите кои почнале во ова производство кои ако еднаш заминат нема веќе да се вратат предлагаат освен неколку откупно дистрибутивни центри и отворање на преработувачки капацитет кој ќе презема годишно по 50 до 60 илјади тони на индустриско јаболко и воспоставување на ефикасен систем на градобијна заштита.

З.Б.

Share Button