fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Иднината на градинарството во кичевско е во пластеничкото  производство, велат браќата Јовановски

Браќата Владо и Љупчо Јовановски од Кичево се меѓу првите земјоделци што се зафатиле со пластеничко производство на градинарски култури во Кичево. Како и останатите производители  мака мачат со пласманот, а за понатамошен развој им недостига едукација  .

Владо и Љупчо Јовановски  од Кичево се  браќа кои судбината ги довела да се вратат на нивите во с.Староец и да се занимаваат со земјоделие. Во минатото двата биле вработени во државни фирми и со земјоделие се занимавале онолку колку да му помогнат на својот татко. Во време на плурализмот и приватизацијата на фирмите од екс Југославија, останале без работа и одлучиле да ги искористат можностите и знаењата што во тој момент им биле на  располагање. Изборот не бил голем така што својата и егзистенцијата на своите семејства  ја нашле во земјоделието. Експериментирале со повеќе култури, за денес вниманието да им биде насочено на пластеничкото производство на домати и пиперки. Зелена берза ги посети на нивните површини кои се наоѓаат во атарот на селото Староец. Она што веднаш паѓа в очи се прекрасно средени и обработени површини во кои е вложен голем труд, а двата браќа велат дека тоа прават со љубов.

Пластеничко производство на градинарски производи им носи подобар квалитет и принос

Браќата Јовановски  се меѓу првите земјоделци во кичевскиот регион кои  подигнале пластеници. Разликите од двата начини на производство биле очигледни и приносите им биле многу поголеми во пластениците во споредба  со оние на отворено.

-Со пластеничко производство се занимавам негде 7-8 години. Сметам дека иднината е во пластеничкото производство. Со земјоделие се занимавам отприлика 30 години. Порано како дополнителна дејност, но кога останав без работа го работам  ова со голема посветеност.

Моментално имам 4 пластеници  и во нив одгледувам домати и пиперки. Задоволен сум од родот, а  мој заклучок е , барем за кичевското поднебје, дека  на отворено нема иднина за одредени градинарски  култури, посебно за пиперот  и доматот, вели Љупчо.

Ова го потврдува и неговиот брат Владо со кој си помагаат меѓусебно во работата.

– На отворено тешко се постигнува квалитет. Поквалитетни се оние култури  што се одгледуваат во затворен простор. Оние  производи што се  на отворено на утро  кога ќе дојдам има роса и додека испари има некоја хемиска реакција која негативно се одразува на квалитетот на производите. Затоа одлучивме да се пробаме и со производство во пластеник. Во моментот на овие простори нема многу земјоделци што применуваат ваков начин на производство и нема со кого да размениш искуства и да се консултираш, вели Владо.

Како што велат се обидуваат колку што можат да применуваат помалку хемија. Ѓубрењето  го прават со арско ѓубре од кокошки, овци, гулаби, она што ќе најдат. Сепак слично како и другите земјоделци мака мачат со пласманот. Немаат организиран откуп и се снаоѓаат по роднини и пријатели, во пиљари, ресторани и на градскиот пазар во Кичево. Условите на пазарот од некогаш и денес се многу променети.

– Пред 20 години сме продавале по еден тон пиперки во пазарен ден  петок, ама сега…  сега во пазарен ден  околу 100 кг пипер да се продадат е добро, вели Владо. Од доматите  имам посадено 500 корени и во просек добив од   2-2,5 кг домати. Цената е од  35-40 дена и во моментот сум задоволен додава тој.

И неговиот брат Љупчо е задоволен од годинешното производство особено од доматите каде од корен има количина од 4- 5 кг. Вели дека ќе продолжи со ваквиот начин на производство бидејќи инвестицијата што ја вложил му се вратила уште во првата година. Она што ги мачи и двата браќа е што немаат од кого да добијат стручен совет, им недостига едукација.

 

– Ни недостигаат совети кои препарати кога да се применат, околу прихраната,  кога да се  направи и  со што, што да се употреби  за развој на корен, што за   развој на плод, за зреење итн. Јас имам мали познавања , но потребни ми се дополнителни информации. Во Кичево недостасува едукација, воопшто нема, немаме каде да се обратиме за стручни совети, без разлика што имаме одделение за МЗШВ, посочува Љупчо. Инаку и од ова може добро да се живее, додава тој.

Кога се работи нешто со љубов не само што се постигнуваат резултати  туку тоа позитивно се одразува и на здравјето.

-Овде си имам колиба каде можам да се одморам и да се релаксирам после напорната работа и убаво се чувствувам, немам главоболка, ниту притисок ниту ништо, дури можам ќе работам, вели Владо.

Павлина Јовановска

 

 

Слични написи

Back to top button
Close