Системот функционира и може да даде гаранции за здравствениот статус на животните
Овозможување извоз на овчо и јагнешко месо и производи од овчо и јагнешко месо во Соединетите Американски Држави, намалувањето на ДДВ за ветеринарно медицинските услуги од 18% на 5%, подобрувањето на хигиената на млекото, се само дел од активностите на кои се фокусира Агенцијата за храна и ветеринарство за следниот период, вели Зоран Атанасов во интервју за „Зелена берза“.
Ексклузивно интервју со Зоран Атанасов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство на Р.С. Македонија
З.Б- Една од главните надлежности на Aгенцијата за храна и ветеринарство покрај безбедноста на храната е и здравствената заштита и благосостојба на животните како и безбедноста на храната за исхрана на животните. Како ги оценувате состојбите во делот на сточарството во нашата држава?
Давањето стручни оценки каква е состојбата во сточарството во државата е надлежност на MЗШВ од причина што тоа ги има сите релевантни податоци за да направи проценка во каква состојба е сточарскиот сектор.
Можам да кажам дека за подобрување на дел од состојбата во сточарството и создавање поволна бизнис клима во овој сектор АХВ поднесе повеќе иницијативи како на пример: Агенцијата сега ги плаќа во висина од 50% трошоците за вакцинацијата против ентеротоксемијата кај овците и козите, исто така се намалија давачките за ветеринарно-санитарните прегледи за време на неработни денови за 50%, понатаму на предлог на агенцијата беше намалено ДДВ за ветеринарно-медицинските препарати од 18% на 5%.
Со донесување на правилниците за правилник за отстапувања од посебните мерки за хигиена за малите бизниси, начинот и барањата кои треба да се исполнат при директно снабдување со храна од страна на производител до краен потрошувач, условите за просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите кои произведуваат, како и начинот на производство на храна со традиционални карактеристики, (познати како правилници за флексибилност за хигиена на производи од животинско и неживотинско потекло), се овозможува фармерите своите производи, без посредништво на трговците, законски да ги пуштат во продажба, а со тоа да го подобрат и својот домашен буџет.
З.Б-Направивте поделба по региони со цел непречена меѓународна трговија на животни, производи и нус-производи од животинско потекло. Какви резултати бележите во овој дел?
За да ја олесниме меѓународната трговија во случај кога некоја заразна болест ќе се појави кај животните направивме територијална регионализација. Територијата на државата ја поделивме на осум региони што беше прифатено и одобрено од страна на ЕУ комисијата. Ова значи дека доколку некоја болест се појави во еден регион забраната за трговија со живи животни, производи и нус-производи од животинско потекло ќе важи само за тој регион, а од другите региони ќе можеме да извезуваме животни, производи и нус-производи од животинско потекло.
Овозможивме услови за извоз на овчо и јагнешко месо во Јордан во 2020 година, за што Агенцијата на почетокот од годината водеше преговори со надлежните служби во Јордан, за усогласување на барањата и гаранциите дадени во ветеринарно-здравствениот сертификат.
Добивме официјален статус на земја слободна од африканска болест кај коњите признат од светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ).
Бројот на објекти и оператори во државата кои ги исполнуваат строгите услови за извоз во земјите членки на Европската Унија во континуитет се зголемува.
З.Б-Граѓаните како консументи на млеко ги интересира хигиената на млекото во краварските млечни фарми, каква е состојбата во последниот период?
За да не создадеме забуна кај читателите, ќе одговорам дека граѓаните консумираат хигиенски исправно млеко. Кога зборуваме за хигиена на свежо млеко се мисли на односот на бројот на микроорганизми и бројот на соматски клетки во млекото кое не е термички третирано над 40 степени целзиусови. Кај нас согласно правилникот свежото млекото кое не ги исполнува нормативите се третира термички и се прави цврст млечен производ (сирење и кашкавал).
Со цел да се создадат основни услови за подобрување на хигиената на млекото и стекнување на реална слика на состојбата во тој дел и преземање на активности за подобрување на хигиената на млекото во периодот од 2018 година до средината на 2019, Агенцијата вршеше категоризирање на краварските млечни фарми во однос на здравствената состојба на животните и хигиената на млекото. Активност која бараше доста финансиски средства и ангажман на вработените во Агенцијата. Врз основа на оваа категоризација, понатаму МЗШВ планира и презема конкретни мерки за подобрување на хигиената на млекото и добивање на млеко согласно европските стандарди.
Во периодот на завршувањето на категоризацијата од вкупно 5878 фарми кои предаваат млеко во млекарници I категорија се 126 или 2,14%, II категорија 3802 или 64,68%, III категорија 1548 или 26,34% и без категорија 402 или 6,84%. Веднаш ќе прецизирам дека во прва категорија се најголемите краварски фарми кои и испорачуваат најголеми количини на млеко. Според сознанијата кои ги имаме како за пример ќе наведам дека млекарницата „Имлек“ од Битола која во 2019 година од вкупното млеко што го откупуваше од сточарите, количината на екстра квалитетно млеко беше околу 10%, додека во 2020 година, изнесува 30%. Оваа укажува дека политиките и активностите што МЗШВ ги презеде во меѓувреме врз основа на спроведената категоризација даваат резултати и треба да се продолжи понатаму.
З.Б-Опасноста од африканската свинска чума не е помината, колку превентивните мерки што ги спроведовте даваат резултати, со оглед на фактот што за африканската свинска чума нема вакцина?
Агенцијата редовно ја следи состојбата со посебно опасните заразни болести кај животните во државата, регионот и пошироко и презема активности за заштита, рано откривање и сузбивање на веќе појавените посебно опасни заразни болести кај животните, кои брзо се шират и кои покрај загрозувањето на здравјето на животните, предизвикуваат и огромни економски штети во економијата на државата. За сите опасно заразни болести кои се појавени во регионот и пошироко, Агенцијата издава заштитни мерки за спречување на внесување на наведените болести преку увоз на живи животни, производи од животинско потекло, јајце клетки, ембриони, семе за оплодување и нуспроизводи.
Овде би сакал да наведам дека во последните три години во регионот се појавија неколку вакви болести како на пример: африканската свинска чума (Бугарија, Грција и Србија); чумата кај малите преживари во Бугарија; сипаници кај овците и козите во Грција; грип кај птиците во Бугарија, беснилото во Србија и Босна и оваа година, син јазик кај овците, козите и говедата во Грција, Албанија, Косово, Северна Македонија и Романија.
За да ја спречи појавата на африканската чума кај свињите, Агенцијата спроведе една сеопфатна активност, категоризирање на сите свињарски фарми, согласно биосигурносните мерки кои фармите ги применуваат. Истата е завршена и сега секоја од фармите знае што треба да направи за да ја подобри заштитата на одгледувалиштето од потенцијални ризици. Беше извршена и депопулација на одредени одгледувалишта кои не ги задоволуваа минималните биосигурносни прописи. Агенцијата изврши обуки со ветеринарните друштва, царинските службеници, ловните друштва и самите фармери за препознавање на болеста и потребните заштитни мерки кои треба да се применуваат, како не би се појавила болеста, а во случај на појава, како да спречат таа да се прошири. За таа цел, одржавме и теренска симулациска вежба. Како Агенција, издадовме решение за засилен отстрел на дива свиња, со цел намалување на дивата популација свињи и намалување на ризикот за пренос на болест од дивите свињи на фармерски одгледуваните свињи. Во тек е и електронска медиумска кампања, поставени се билборди, постери, поделени флаери за јакнење на јавната свест за спречување од можна појава и ширење на болеста. Изработена е Програма за надзор и рано откривање на оваа опасно заразна болест. Како дел од оваа програма, сакам да го издвојам делот за доделувањето на парична награда од 2.500 денари за секое пријавување на угината дива свиња. Јавноста знае дека минатата година, отприлика во овој период од годината, спречивме влез на пратка контаминирана со вирусот на африканската свинска чума.
З.Б- Што преземате за нашето свинско месо да се пласира на пазарите на ЕУ? Што правите во делот на унапредување на здравствената заштита кај свињите?
Со цел подобрување на здравствената состојба кај свињите, како и заради исполнување на една од стратешките цели на Агенцијата за ставање на свинско месо на пазарите на ЕУ, во изминатот период се спроведоа низа мерки и активности за унапредување на здравствената заштита кај свињите. Вакцинација против класичната чума кај свињите престана да се проведува од 01.10.2019 година, на целата територија на земјата. Во октомври 2019, доставен е допис до сите држави од регионот и до Комисијата на Европската Унија дека од 01.10.2019, во државата е забранета вакцинација на свињи против болеста класична чума кај свињите. Изработено е досие со акциски план кое е доставено до Европската Комисија и донесен е оперативен прирачник за класична чума кај свињите. Програмата за надзор, предвидува спроведување на пасивен и активен надзор. Надзор се спроведува на целата територија и со него се опфатени сите одгледувалишта на свињи, како и дивите свињи во националните паркови и ловишта.
Воведовме статус „слободно одгледувалиште“ од болеста трихинелоза кај свињите. Досега испитувањето за отсуство на паразитарно заболување трихинелоза беше задолжително за секоја заклана свиња, сега, со докажувањето дека на одгледувалиштето во изминатите три години не е утврдено присуство на трихинелоза и категоризација на самото одгледувалиште со статус „низок биосигурносен ризик“ фармерите и кланичарите имаат обврска да вршат тестирања за присуство на трихинела само кај 10% од закланите свињи од тоа одгледувалиште. Со ова значително се намалуваат трошоците кај фармите и кланичарите и директно се стимулирани да вложуваат во подобрување на биосигурноста на одгледувалиштето, а преку тоа влијаат и на подобрување на здравствена состојба на животните во одгледувалиштето.
З.Б-Јавноста, посебно сточарите ги интересира кои активности Агенцијата ги презема и ќе ги преземе во иднина за справувањето со болеста син јазик, која се појави оваа година кај овците, козите и кај говедата.
Болеста се појавува повторно, по последната појава во 2014 и 2015 година во државата и регионот. Причинител на болеста е вирус кој се шири преку комарец, не со контакт помеѓу животните. Одовде се доаѓа до заклучок дека главната борба за спречување на појава и ширење на болеста е насочена кон преносителот на болеста. Затоа Агенцијата издаде решение со кое сточарите се должни да употребуваат репеленти (средства кои го одбиваат инсектот), редовно да ги чистат шталите и ѓубрето од шталите да го собираат и покриваат со прекривка, секојдневно, за да се спречи можноста за размножување на преносителот. Воведовме Програма за ентомолошки мониторинг на популацијата на инсекти од родот Culicoides (куликоиди), вектори на вирусот на син јазик. Секојдневно ја следиме состојбата на теренот и ги евидентираме сите случаи на заболување и угинување на добитокот за што водиме уредна документација. За целосно искоренување на болеста во регионот потребно е донесување на заедничка регионална стратегија. За таа цел, веќе инициравме и се одржа состанок каде сите земји во регионот изразија желба и спремност за донесување на стратегија за вакцинација на животните, која во најдобри услови ќе трае 5 години. Деновиве на комитетот за земјоделство, шумарство, водостопанство, ветеринарство и безбедност на храната при Владата на Р.С.М ќе разговараме и ќе донесеме одлука кои активности ќе се преземат и како ќе се спроведат, почнувајќи од 2021 година.
З.Б-Каква е состојбата со бруцелоза кај овците и козите? Дали е воспоставена контрола?
Можам слободно да кажам дека е воспоставена контрола над ширењето и сузбивањето на бруцелозата кај овците и козите.
Овде би навел дека во 2019 година, како менаџмент, донесовме одлука да направиме измена во Програмата за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овците и козите. Суштинска беше измената што во подрачјата каде што дотогаш само ги вакциниравме јагнињата и јарињата, без земање крв за тестирање кај овците и козите, сега започнавме со тестирање и на возрасните овци и кози. Во останатите подрачја продолживме со активноста тестирање на сите овци и кози.
Веднаш, уште со завршување на активностите за 2019, увидовме каде се главните проблеми и во кој правец треба да делуваме. Како илустрација само ќе кажам дека лани, имавме 198 позитивни одгледувалишта, со 1906 позитивни животни, додека во 2020 година, бројот на позитивни одгледувалишта го сведовме на 52 со вкупно 959 позитивни грла. Пропорционално со намалувањето на бројот на заболени стада и грла, се намалуваше и бројот на потврдени случаи на бруцелоза кај луѓето. Во 2017, од страна на Институтот за јавно здравје, беа потврдени 21 случај на заболени од бруцелоза, додека оваа година е потврден само еден случај.
До крајот на годината ќе донесеме нова програма за сузбивање и искоренување на бруцелозата кај овците и козите и цениме дека со добро спроведување на истата од страна на сите инволвирани страни во државата (сточарите, трговците, ветеринарните друштва и инспекциските служби), најдоцна до 2022, ќе создадеме услови за да се декларираме како земја слободна од оваа зоонозна болест. Ваквиот статус ќе ни овозможи да извезуваме живо јагне во регионот, Европа и пошироко во светот.
З.Б-Што е она на што Агенцијата ќе биде фокусирана во наредниот период, а е од интерес на сточарите?
Пред нас се активности на кои Агенцијата во наредниот период ќе биде посветена, а тоа се: овозможување извоз на овчо и јагнешко месо и производи од овчо и јагнешко месо во Соединетите Американски Држави. Стекнување статус земја слободна од бруцелоза кај овците, козите и говедата, добивање статус официјално слободна земја од болеста чума кај малите преживари признат од Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ), ставање на листата на трети земји кои можат да извезуваат живи свињи, свежо свинско месо и производи од свинско месо во земјите членки на Европската Унија. За оваа активност до Европската комисија веќе е испратен Акционен план за запирање на вакцинацијата против класичната чума кај свињите и следење на почитување на забраната за вакцинирање и надгледување за рано дијагностицирање во случај на појава на болеста. Добивање статус официјално слободна земја од болеста класичната свинска чума без вакцинација, признат од страна на светската организација за здравствена заштита на животните ( ОИЕ), подобрување на биосигурноста на одгледувалиштата со говеда, за таа цел спремаме Прирачник за спроведување на биосигурносни мерки на одгледувалиштата со говеда според препораките на универзитетот од Гент, Белгија. Добивање статус земја слободна од јазлеста кожа кај говедата. Намалувањето на ДДВ за ветеринарно медицинските услуги од 18% на 5%. Подобрувањето на хигиената на млекото.
З.Б-Според тоа како стојат во моментов работите колку сте задоволни од функционирањето на институциите во државата во делот на здравствениот статус на животните?
Лично сум задоволен од начинот како функционира целокупниот систем на здравствената заштита на животните, но секогаш може да биде и подобро. Зад овие официјални статуси на земја слободна од одредени болести стои долгогодишна макотрпна работа и всушност претставуваат признание дека институциите во државата и сите други инволвирани страни (сточари, ветеринарни друштва, лаборатории, образовен систем) функционираат и можат да дадат гаранции за здравствениот статус на животните, а сето тоа овозможува полесна и непречена меѓународна трговија со живи животни, производи од животинско потекло и нуспроизводи од животинско потекло во регионот, Европа и пошироко во светот.
Анета Блажевска