fbpx
Вести

Уништени над еден тон вишни во конзерва и небезбедни пластични садови

Загадено јагнешко и пилешко месо од Романија, вишни во конзерва збогатени со бактерии, пластични чинии од Kина и шпански кремови полни со алергени се само дел од производите за кои лани алармирале од европскиот систем за безбедност на храната. Преку системот РАССФ биле известени другите држави дека не треба да увезуваат или употребуваат одредени производи од одредени производители и земји за кои е утврдено дека се штетни за здравјето на луѓето. Во дел од нив се пронајдени бактерии, други се загадени со тешки метали, а има и такви што во својот состав имаат материи што воопшто ги нема на декларациите.

unishteni nad eden ton vishni vo konzerva i nebezbedni plastichni sadovi

 

Храна „збогатена“ со бактерии

Според годишниот извештај на Агенцијата за храна, лани имало девет предупредувања. Две се однесуваат на небезбедни домашни производи, а седум на производи од увоз. Италијанците известиле за пратка со јагнешко месо во која била најдена ешерихија коли, а Хрватска не дозволила увоз на над еден тон пастеризирани вишни во конзерва. По предупредувањата Агенцијата за храна уништила небезбедни сита со цедилки, пластични садови и вишни во конзерва.

РАССФ системот лани дал известувања што се однесувале најчесто на опасностите присутни во храната – патогени бактерии како салмонела и ешерихија коли, отстапувања поради сиромашна состојба на процесот на производство и недоследности во означувањето на храната.

– Во некои од материјалите што доаѓаат во контакт со храната имало присуство на боја или таа се лупела, а имало и наод на недозволена супстанција динитрофенол и присуство на недеклариран алерген – стои во извештајот.

Франција, Италија, Kипар, Грција, Чешка, Велика Британија, Хрватска, Шпанија и Ирска се земјите што известиле за небезбедна пратка или небезбедна храна, односно материјали што доаѓаат во контакт со храната. Според РАССФ, недоследностите се откриени како резултат на официјални контроли, поплаки на потрошувач, сопствена проверка на компанијата, но и на гранични контроли.

– По добивање на известувањата, Агенцијата за храна пристапи кон преземање соодветни мерки преку своите надлежни инспектори. Извршено е уништување на 32 парчиња небезбедни сита со цедилки, 25 парчиња пластични садови и над еден тон пастеризирани вишни во конзерва – стои во извештајот.

Домашни анализи

Минатата година граѓаните поднеле околу 305 претставки за храна. Според извештајот, лани најмногу се реагирало за поминат рок на кајмак и млечен намаз, мравки во леб, песок во сусам, мувла кај лимони и портокали. Од вкупниот број поднесени жалби, најмногубројни се за рестораните и сендвичарниците, но и за популарните „ланч барови“. Граѓаните овде најмногу се сомневале на нехигиена при подготовка на храната и опасност од труење ако се изеде. Ако се направи споредба со претходните години, кога во просек имало по деведесетина претставки, годинава бројот е три пати поголем.

Во Агенцијата велат дека најголемиот дел од претставките се однесува на неприменување на добрата хигиенска и производствена пракса и на НАССР-системот.

– Поминат рок на употреба на производи во малопродажбата, органолептички изменети својства на храната како мирис, вкус, боја, и присуство на загадувачи како биолошки или механички контаминенти во храната, се само дел од забелешките на потрошувачите. Дел од претставките се однесува и на несоодветно означување на храната, сомнеж за труење со храна кога се работи за угостителски објекти, на здравствената заштита и благосостојба на животните – велат во Агенцијата. Според анализата на Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство, тие не се разликуваат од тоа што граѓаните го пријавуваат писмено или електронски.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close